Во интервју за Брисел тајмс, Мишел оцени дека Европската комисија ги пречекорува своите овластувања, а Фон дер Лаен ја обвини за „авторитарно управување“, при што комесарите повеќе немаат никаква улога.
Мишел беше претседател на Европскиот совет од 2019 до 2024 година, во периодот на првиот мандат на Урсула фон дер Лаен на чело на Европската комисија. Претходно беше премиер на Белгија од 2014 до 2019 година.
Во интервјуто повторно се осврна на скандалот „софагејт“ во Анкара во 2021 година, кога тој седна во фотелја покрај турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, додека Фон дер Лаен мораше да седне на софа настрана, што предизвика многу критики.
Во разговорот за бриселскиот весник, кој укажува на „длабоко вкоренето непријателство меѓу Мишел и Фон дер Лаен“, Мишел рече дека го разбира влијанието што го имала таа слика, но дека „протоколот бил целосно почитуван“, обвинувајќи ја Европската комисија дека го користи тој случај за зајакнување на својата улога.
„Сите знаат и видоа како Комисијата одлучи да го инструментализира овој инцидент за да се обиде да преземе повеќе институционална моќ и да се вмеша во работи што не се одговорност на Комисијата“, изјави Мишел.
Според него, тоа е дел од поширок образец – обид на Комисијата да го прошири својот опсег на области што се резервирани за Советот, како што се одбраната, надворешното претставување и Службата за надворешни работи.
„Денес Комисијата се обидува да преземе контрола. Тоа не е во согласност со Договорот (Европската Унија)“, рече Мишел.
Тој оцени и дека одговорот на Европската Унија на непријателството од Соединетите Американски Држави бил погрешен и слаб, укажувајќи дека немало заеднички одговор на американските санкции против поранешниот европски комесар Тиери Бретон.






