недела, 14 јуни 2026

Албанските обвинители бараат апсење на 20 лица поради проектот на зетот на Трамп

Албанското Специјално обвинителство за борба против корупција и организиран криминал (СПАК) соопшти во сабота дека побарало апсење на 20 лица осомничени за трговија со дрога и перење пари, додека некои медиуми наведуваат дека некои од осомничените би можеле да бидат поврзани со луксузен туристички проект кој се поврзува со ќерката на американскиот претседател Доналд Трамп, Иванка Трамп, и нејзиниот сопруг, Џаред Кушнер.

Фото: Социјални мрежи

Објавено на

часот

Сподели

Противењето на планираното луксузно одморалиште во заштитена крајбрежна зона во близина на Звернец и на ненаселениот остров Сазан предизвика бран протести низ цела Албанија. Веќе две недели, илјадници граѓани секојдневно демонстрираат, барајќи сопирање на проектот и оставка од премиерот Еди Рама.

СПАК објави дека истрагата за меѓународна трговија со кокаин открила вмешаност на неколку лица во активности за кои постои сомневање дека служеле за прикривање на потеклото на средствата и насочување на нелегално стекнатите пари во легални текови на економијата.

Обвинителството побара од судот налози за апсење на 20 лица, но до саботата беа уапсени само четири лица. Во официјалното соопштение не се споменува директно проектот Звернец, пренесува Франс 24.

Запленет имот вреден повеќе од 128 милиони евра

Судот истовремено нареди привремено одземање повеќе недвижности и имот поврзан со купопродажни договори.

Според обвинителството, договорите се поврзани со лица чии идентитети се наведени само со иницијалите А.Ш., Ф.С. и Б.С., како и со компанија означена како „А…Л…Д… Ш.а.“.

– Вредноста на средствата опфатени со мерката за привремена заплена надминува 128,4 милиони евра – се наведува во соопштението.

Обвинителството додава дека некои од спорните инвестиции се однесуваат на проекти за недвижности и градежништво во Тирана, Палаша, Химара и други крајбрежни области на Албанија.

Некои медиуми објавија дека компанијата означена како „ А…Л…Д… Ш.а.“ може да биде компанијата „Албанија Ленд Дивелопмент“ (АЛД).

Документите од албанскиот деловен регистар, до кои Франс прес имал увид, покажуваат дека компанијата купила големи парцели земјиште во Звернец, кои одговараат на локациите опишани во туристички проект за кој неодамна зборуваше Иванка Трамп.

“Имаме осум километри крајбрежје директно спроти островот Сазан, прекрасен полуостров со лагуна од едната страна и море од другата, како и прекрасни плажи со бел песок“, рече Иванка Трамп во поткаст.

Локалните медиуми, вклучувајќи го истражувачкиот портал Репортер, наведуваат дека лицето означено со иницијали А.Ш. би можел да биде Артур Шеху, кој се споменува како главен продавач на земјиште наменето за туристички комплекс од страна на компанијата „Албанија Ленд Дивелопмент“.

На барањето на Франс прес испратено до обвинителството во врска со можните врски помеѓу истрагата и проектот во Звернец, СПАК не одговори до саботата.

Во меѓувреме, протестите против изградбата на луксузен ресорт продолжија во саботата во Тирана, каде секоја вечер се собираат илјадници граѓани незадоволни од проектот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ