Според неофицијални информации, посетата на Кос се очекува на почетокот на јули годинава, но засега ниту од Владата ниту од Министерството за надворешни работи (МНР), како и од Делегацијата на Европската Унија во Скопје, не потврдуваат за точниот датум и агендата на Кос.
Посетата на Марта Кос доаѓа во период кога повторно се отвора прашањето за деблокада на евроинтеграциите на Македонија, непосредно по самитот ЕУ – Западен Балкан во Тиват, Црна Гора, и во контекст на новите иницијативи во Брисел за забрзување на процесот на проширување.
Во фокусот на европските дебати е и неформалниот документ (нон-пејпер) инициран од германскиот канцелар Фридрих Мерц и францускиот претседател Емануел Макрон, кој предвидува постепено интегрирање на земјите кандидатки во ЕУ. Сепак, Македонија останува во специфична позиција, бидејќи процесот формално е блокиран, а условот за уставни измени останува непроменет. Во таа смисла е изјавата на претседателката Гордана Сиљановска Давкова која при последната посета на Бугарија изјави дека по средбата со потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова станало јасно дека Бугарија има и други барања не само внесување на Бугарите во Уставот.
Мицкоски не попушта, без гаранции нема уставни измени
По последните средби со европски лидери, меѓу кои и францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Фридрих Мерц, премиерот Христијан Мицкоски изрази умерен оптимизам дека постои простор за придвижување, но остана цврст во позицијата за уставните измени.
Тој повтори дека Владата не прифаќа уставни измени без јасни и правно обврзувачки гаранции од Европската Унија, со кои би се обезбедил непречен и предвидлив пристапен процес.
„Уставни измени нема да има без јасни и цврсти гаранции од Европската Унија дека нема да има нови билатерални условувања во процесот“, непоколеблив е Мицкоски.
Последната посета на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта не донесе ништо ново. Тој уште еднаш ја потврди позицијата на официјален Брисел дека договорените обврски со Бугарија, од таканаречениот француски предлог од 2022 година, остануваат валидни рамки за напредок. Кошта избегна директен одговор на барањата за дополнителни гаранции, повторувајќи дека напредокот зависи од исполнување на преземените обврски.
„Дали Европскиот совет може да донесе заклучоци во коишто ќе каже дека Северна Македонија испорачала и она што Северна Македонија се согласила да испорача во 2022 година и тогаш може формално да ги отвориме преговорите – посакувам што е можно порано Европскиот совет да има услови да донесе вакви заклучоци. Но за ова зависи од Северна Македонија да го направи тоа што го договорила во 2022 година“, рече Koшта при последната посета на Скопје пред нецел месец.
Еврокомесарката за проширување Марта Кос во своите претходни настапи нагласува дека проширувањето на ЕУ претставува „историски момент за обединување на Европа“. Таа потенцира дека реформите се тешки, но неопходни, и дека Европската Унија има јасен интерес за забрзана интеграција на Западен Балкан.
Како што пренесе Вестерн Балканс повикувајќи се на Бугарската телеграфска агенција, Кос на состанокот на 3 јуни со членовите на Комисијата за надворешни работи (АФЕТ) изјавила дека Европската комисија бара начини да ги поедностави процедурите за пристапување во ЕУ, со цел да се избегне ризикот билатералните прашања да влијаат врз процесот во овој чувствителен геополитички контекст. Таа изразила подготвеност да соработува во дијалогот меѓу Скопје и Софија.
„Имаме политичка цел преговорите за пристапување со Република Северна Македонија да започнат врз основа на заслуги, веднаш штом ќе бидат спроведени неопходните уставни измени. Бугарија и Република Северна Македонија треба да започнат преговори и да најдат решение за ова билатерално прашање, подготвена сум да соработувам доколку е потребно“, изјавила Кос.
Во тој контекст, нејзината евентуална посета на Скопје се гледа како дел од пошироката европска агенда.
Во меѓувреме, од бугарската страна не се забележуваат сигнали за промена на ставовите. Политичкиот наратив останува конзистентен – дека европската интеграција на Македонија е условена со уставни измени и целосно спроведување на договорената рамка на ЕУ од 2022 година.
Во тој контекст, претстојната посета на Марта Кос во Скопје во бугарските медиуми се толкува како дел од редовната агенда на проширувањето, отколку како обид за ново посредување или редефинирање на спорот.
Самитот во Тиват, политички сигнал или реална промена на курсот на ЕУ
Самитот ЕУ – Западен Балкан во Тиват дојде во чувствителен момент за европската перспектива на Македонија, во период кога официјален Брисел повторно испраќа засилени политички пораки за проширување, а официјално Скопје и понатаму се движи во рамка на блокирани или забавени чекори во преговарачкиот процес.
Иако самитот немаше формални одлуки кои директно го менуваат статусот на Македонија во преговорите со ЕУ, политичката тежина се наоѓа во пораките за „постепена интеграција“ и новите инструменти за забрзување на пристапувањето
За Македонија, пораките од Тиват беа двојни. Од една страна, лидерите на ЕУ повторија дека проширувањето кон Западен Балкан останува стратешки приоритет, особено во контекст на безбедносните ризици и влијанието на Русија и Кина во регионот. Од друга страна, не беше забележано суштинско поместување во однос на клучниот услов за стартот и динамиката на преговорите, уставните измени и билатералните прашања што ги блокираат или успоруваат следните фази на процесот. Тоа значи дека политичката реторика за „отворени врати“ останува, но сепак „отворената врата“ и натаму зависи од билатералните односи со Бугарија.
Поради ова, самитот во Тиват не донесе пресврт за македонските евроинтеграции, но покажа дека ЕУ го менува начинот на кој го гледа процесот на проширување.
За Македонија, тоа значи политички условена блокада од една страна и постепена техничка интеграција од друга страна.
Дали посетата на еврокомесарката за проширување Марта Кос ќе донесе нови ветришта или ќе биде уште еден во низата и веќе виден дипломатски притисок врз Македонија?
И.О.






