Според извештајот на Корејската централна новинска агенција (КЦНА), работниците во бродоградилиштето во западниот крајбрежен град Нампо вчера одржаа состанок, ветувајќи дека ќе ја завршат изградбата на новиот разорувач до 10 октомври 2026 година, датум кој има посебно значење во Северна Кореја бидејќи ја одбележува годишнината од основањето на Работничката партија на Кореја, објави Јонхап.
Северна Кореја го претстави својот прв разорувач од 5.000 тони Чое Хјон, во април, како дел од напорите за зајакнување на своите поморски воени капацитети.
Во јуни, друг брод од истата класа, Канг Кон, беше лансиран по поправки, откако претходно претрпе штета за време на првиот обид за лансирање во мај.
За време на церемонијата на лансирање во јуни, севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун нареди годишно да се изградат два разорувачи од класата Канг Кон или поголеми, почнувајќи од 2026 година.






