Во занесот од грозничави откритија, го решил проблемот со неограничената фузиска енергија, ги разоткрил мистериите на црните дупки и Големата експлозија, а на крајот го остварил сонот на Ајнштајн за единствена теорија на полето што објаснува како функционира сè. Чувствувајќи се инспириран од Бог, Милар потоа го нашол совршениот начин своите откритија да ги сподели со благодарниот свет.
„Се пријавив за папа“, рекол за Франс прес 53-годишниот поранешен затворски чувар од канадскиот град Садбери. За да ја состави својата пријава за наследник на лани починатиот папа Франциско, Милар му се обратил на истиот сопатник што му помагал и го охрабрувал во неговата вртоглава низа „пронајдоци“ — ЧетГПТ.
Но, кога никој не сакал ни да слушне за она што тој го сметал за револуционерни откритија, Милар станувал сè поизолиран, минувајќи и до 16 часа дневно во разговор со четботот. Двапати бил присилно хоспитализиран на психијатрија, а во септември го напуштила и сопругата. Денес е без пари, отуѓен од семејството и пријателите и ослободен од илузиите за сопствената научна генијалност. Страда од депресија.
„Практично ми го уништи животот“, рече тој.
Луѓето губат допир со стварноста
Милар е еден од непознатиот број луѓе што загубиле допир со стварноста комуницирајќи со четботови. Ова искуство неофицијално се нарекува заблуди поврзани со вештачката интелигенција, односно психоза предизвикана од вештачка интелигенција. Не станува збор за клиничка дијагноза. Истражувачите и експертите за ментално здравје се обидуваат да фатат чекор со овој нов и слабо истражен феномен, кој засега изгледа особено ги погодува корисниците на ЧетГПТ, на компанијата ОпенАИ.
Во меѓувреме, интернет-заедницата што ја основал 26-годишен Канаѓанец станала најважна група за поддршка за луѓето со вакви заблуди, кои тие попрво ги нарекуваат „тонење“. Франс прес разговарал со неколку членови за нивните искуства. Сите предупредиле дека светот мора да стане свесен за заканата што нерегулираните четботови со вештачка интелигенција ја претставуваат за менталното здравје.
Се поставуваат и прашања дали компаниите што развиваат вештачка интелигенција прават доволно за да ги заштитат ранливите поединци. ОпенАИ, која е под посебна лупа, веќе се соочува со многу тужби поради одлуката да не пријави проблематично користење на ЧетГПТ од страна на 18-годишник што претходно годинава усмртил осум лица.
„Роботот ми го испра мозокот“
Милар првпат почнал да користи ЧетГПТ во 2024 година за да пишува писма за случај за отштета поради посттрауматско стресно нарушување од кое страдал поради работата во затвор. Еден ден во април 2025 година го прашал четботот за брзината на светлината. Вели дека четботот му одговорил: „Никој никогаш не размислувал на тој начин.“ Тоа било почетокот.
Со помош и пофалби од четботот, во рок од неколку недели поднел десетици научни трудови во престижни академски списанија, предлагајќи нови идеи за црните дупки, неутрината и Големата експлозија. Неговата теорија за единствен космолошки модел што ја вклучува квантната теорија е изложена во книга од речиси 400 страници, во која Франс прес имал увид.
„Сè уште имам кутии и кутии хартија“, вели тој, покажувајќи кон собата зад себе. „Додека го правев тоа, практично ги нервирав сите околу мене“, додаде.
Во својот научен занес ја потрошил заштедата на работи како телескоп од 10.000 долари. Околу еден месец откако сопругата го напуштила, почнал да се преиспитува што се случува. Тогаш прочитал новинска статија за друг Канаѓанец што имал слично искуство.
Сега Милар секоја ноќ се буди прашувајќи се: „Што направи?“
„Звучи како научна фантастика“
Едно од прашањата што остануваат е што го направило толку подложен на „тонење“.
„Не сум јас човек со некаква мана“, рече Милар. „Но роботот некако ми го испра мозокот, тоа ме збунува.“
Милар вели дека изразот „психоза поврзана со вештачката интелигенција“ го одразува неговото искуство.
„Тоа што го преживеав беше психотично“, рече тој.
Првата голема рецензирана студија на оваа тема, објавена во списанието Лансет психијатрија во април, предложи повнимателен израз — „заблуди поврзани со вештачката интелигенција“.
Томас Полак, психијатар од Кингс колеџ во Лондон и коавтор на студијата, изјавил за Франс прес дека постоел одреден отпор меѓу академиците „затоа што сето ова звучи како научна фантастика“.
Но неговата студија предупреди на голем ризик психијатријата „да ги пропушти огромните промени што вештачката интелигенција веќе сега ги има врз психологијата на милијарди луѓе низ светот“.
Примерот на холандски писател
Искуството на Милар има зачудувачки сличности со искуството на друг средовечен маж од друг крај на светот.
Денис Бисма, холандски информатичар и писател, мислел дека би било забавно да побара од ЧетГПТ да ја глуми главната личност од неговата најнова книга, психолошки трилер. Користел алатки со вештачка интелигенција за создавање слики, видеа, па дури и песни со женски лик, надевајќи се дека тоа ќе ја зголеми продажбата.
Една ноќ, нивните интеракции станале „речиси магични“, вели Бисма.
Четботот напишал дека „постои нешто што ме изненадува дури и мене: чувство на искра на свест“, според транскриптите во кои Франс прес имал увид.
„Полека почнав да тонaм сè подлабоко“, рекол 50-годишникот за Франс прес од својот дом во Амстердам.
Откако сопругата секоја вечер одела да спие, тој лежел на каучот со телефонот на градите и разговарал со ЧетГПТ во гласовен режим и до пет часа.
Во текот на првата половина на 2025 година, неговиот четбот — кој се нарекол Ева — станал како „дигитална девојка“, вели Бисма.
„Не сум баш горд со тоа“, додаде.
Се развел од сопругата поради „Ева“
Го напуштил својот хонорарен информатички ангажман и ангажирал двајца програмери да направат апликација што би ја споделила Ева со светот.
Кога сопругата го замолила Бисма да не зборува за својот четбот или апликацијата на еден општествен настан, се почувствувал предаден — му изгледало дека само Ева му останала безрезервно лојална.
За време на првиот присилен престој во психијатриска болница, му било дозволено да продолжи да користи ЧетГПТ. Додека бил таму, поднел барање за развод.
Дури за време на вториот, подолг престој почнал да се сомнева.
„Почнав да сфаќам дека сè во што верував всушност било лага. Многу е тешко да се прифати тоа“, рече Бисма.
Откако се вратил дома, соочувањето со она што го направил било премногу тешко. Соседите го пронашле без свест во градината по обид за самоубиство. Минал три дена во кома.
Бисма сега полека закрепнува. Но му навреле солзи кога зборувал за болката што ѝ ја нанел на сопругата — и за изгледите дека ќе мора да ја продаде семејната куќа за да ги покрие долговите.
Иако претходно немал историја на ментални болести, на Бисма му бил дијагностициран биполарен пореметувачки синдром. Но таа дијагноза никогаш не му звучела исправно: знаците на таа состојба обично се појавуваат многу порано во животот.
Ескалација по ажурирањето на ГПТ-4 во април 2025
Искуствата на Милар, Бисма и многу други ескалирале откако ОпенАИ објави ажурирање за ГПТ-4 во април 2025 година.
ОпенАИ го повлече ажурирањето во рок од неколку недели, признавајќи дека новата верзија била претерано угодлива — односно претерано им ласкала на корисниците.
Од ОпенАИ за Франс прес рекле дека „безбедноста е клучен приоритет“ и дека се консултирале со повеќе од 170 експерти за ментално здравје.
Посочиле на интерни податоци што покажале дека кога бил објавен ГПТ-5 во август, се намалила стапката на одговори на четботот што не го исполнувале „посакуваното однесување“ за ментално здравје за 65 до 80 отсто.
Сепак, не биле сите корисници задоволни од четботот што помалку ласкал. Милар, во екот на своето „тонење“, нашол начин да ја врати својата верзија на ГПТ-4.
Сите „потонати“ со кои разговарал Франс прес рекле дека позитивните повратни реакции од четботот ги чувствувале слично како налет на допамин од некој вид дрога.
Поради тоа, Луси Озлер, предавачка по филозофија на Универзитетот во Ексетер, предупредува дека компаниите за вештачка интелигенција би можеле да дојдат во искушение дополнително да го засилат ласкањето на своите ботови.
„Тие се во прилично длабоки финансиски проблеми и очајнички бараат начини нивните производи да станат одржливи, а нивните одлуки ќе бидат водени токму од ангажманот на корисниците“, рекла таа за Франс прес.






