Пред една година, американскиот претседател Доналд Трамп предвиде дека високите трговски царини ќе го принудат главниот економски ривал на Америка да попушти.
Тој неделава патува во Кина со таа амбиција значително ослабена од судски пресуди, сведувајќи ги целите на неколку договори за соја, говедско месо и авиони на Боинг, додека истовремено настојува да ја обезбеди кинеската помош за решавање на својата непопуларна војна со Иран, наведуваат политички аналитичари, пренесува Ројтерс https://www.reuters.com/business/aerospace-defense/stung-by-iran-war-trump-heads-china-need-wins-2026-05-12/.
Скромните очекувања од средбите на Трамп со Си Џинпинг на 14 и 15 мај — првите откако во октомври го паузираа исцрпувачкиот трговски судир — покажуваат колку бомбастичниот пристап на Трамп не успеал да му обезбеди предност пред разговорите, оценуваат аналитичарите.
На Трамп „Кина на некој начин му е попотребна отколку што тој ѝ е потребен на Кина“, изјави Алехандро Рејес, професор по кинеска надворешна политика на Универзитетот во Хонгконг.
„Потребна му е некаква надворешнополитичка победа: победа што ќе покаже дека се обидува да обезбеди стабилност во светот, а не само да ја нарушува глобалната политика“, додаде Рејес.
Од нивната последна кратка средба во една воздухопловна база во Јужна Кореја, каде што Трамп ги суспендираше троцифрените царини за кинеска стока, а Си се откажа од задушување на глобалното снабдување со ретки земни елементи, Кина тивко го зајакна арсеналот на инструменти за економски притисок насочени кон Вашингтон, пишува Ројтерс.
Трамп, во меѓувреме, беше зафатен со борбата против пресудите на американските судови со кои се оспоруваат неговите царини, како и со војната со Иран, поради која му падна рејтингот пред ноемвриските избори за Конгресот.
Овонеделната средба во кинеската престолнина ќе биде посвечен настан, при што лидерите треба да одржат самит во Големата народна сала, да го посетат Храмот на небото, локалитет под заштита на УНЕСКО, да присуствуваат на државен банкет, како и заедно да пијат чај и да ручаат.
Сепак, очекуваните економски резултати се сведуваат на само неколку договори и механизми за управување со идната трговија, додека останува нејасно дали лидерите воопшто ќе се согласат да го продолжат трговското примирје, рекоа официјални лица вклучени во планирањето.
На Трамп му е потребна некаква надворешнополитичка победа: победа што ќе покаже дека се обидува да обезбеди стабилност во светот, а не само да ја нарушува глобалната политика.
На Трамп ќе му се придружат директорите на големи компании, меѓу кои Илон Маск од Тесла и Тим Кук од Епл, иако деловната делегација е помала отколку при неговата последна посета на Пекинг во 2017 година.
Освен трговијата, Трамп во понеделникот изјави дека со Си ќе разговара и за продажбата на оружје на Тајван и случајот со затворениот медиумски тајкун Џими Лај. Семејствата на двајцата Американци што повеќе од една деценија се во затвор во Кина исто така го повикуваат Трамп да побара нивно ослободување.
„Со години нè искористуваа за време на нашите претходни претседатели, а сега со Кина ни оди одлично“, рече Трамп. „Многу го почитувам, и се надевам дека и тој ме почитува.“
Една битка по друга
Атмосферата драматично се промени откако Трамп во објава на Трут сошл во април 2025 година порача дека неговите царини ќе ја натераат Кина да сфати дека „деновите на поткраднување“ на Соединетите Американски Држави завршиле.
Тие давачки го поттикнаа Пекинг да го ограничи извозот на ретки земни елементи, што, според Ројтерс, брутално ја разоткри зависноста на Западот од материјалите клучни за производството на сè — од електрични автомобили до оружје — и на крајот доведоа до кревко примирје меѓу Трамп и Си.
Оттогаш, Трамп се соочи со безброј други битки: заробување на лидерите на Венецуела, закани дека ќе го припои Гренланд, територија на друга членка на НАТО, и водење војна против Иран, што го турна Блискиот Исток во хаос и поттикна глобална енергетска криза.
Повеќе од 60 отсто од Американците не ја одобруваат неговата војна со Иран, покажа анкетата на Ројтерс/Ипсос спроведена минатиот месец.
Сега Трамп сака Кина да го убеди Техеран да постигне договор со Вашингтон за завршување на судирот. Кина одржува врски со Иран и останува голем купувач на неговата нафта.
Повеќето Американци, 53 отсто, сега сметаат дека Соединетите Американски Држави треба да развиваат пријателска соработка и дијалог со Кина, наспроти 40 отсто во 2024 година.
Мет Потингер, кој за време на првиот мандат на Трамп беше заменик советник за национална безбедност, минатата недела на форум во Тајпеј рече дека Кина би сакала исход што ја слабее американската моќ, но не е имуна на економските трошоци од долготраен судир.
Сепак, Пекинг ќе сака нешто за возврат, а на врвот на агендата на Си е Тајван, наведува Ројтерс.
Додека некои стравуваат од нагодба што би можела да ја охрабри Кина со сила да го преземе Тајван, дури и нијансирана промена во формулацијата на Вашингтон би предизвикала загриженост за посветеноста на најважниот заштитник на Тајпеј, што би одекнало и меѓу другите американски сојузници во Азија, пишува анализата.
Ву Синбо, професор на Универзитетот Фудан во Шангај и член на советодавниот одбор за политики на кинеското министерство за надворешни работи изјави дека Трамп треба јасно да стави до знаење дека „нема да поддржи независност ниту да презема потези што охрабруваат сепаратистичка политичка агенда“.
„Површно примирје“
Кина исто така сака администрацијата на Трамп да се обврзе дека во иднина нема да презема одмазднички трговски мерки, како контрола на извозот на технологија, и да ги укине постојните контроли за опрема за производство на чипови и напредни мемориски чипови, рекле лица упатени во разговорите.
А од минатиот октомври, Пекинг ги шири своите лостови на економско влијание, меѓу другото со усвојување закони за казнување странски субјекти што ги преместуваат синџирите на снабдување надвор од Кина и со заострување на режимот за издавање дозволи за ретки земни елементи.
Затоа, како што оценува Ројтерс, веќе и самото одржување стабилни односи и продолжување на примирјето во трговската војна би можело да биде доволно Трамп да прогласи победа.
Тоа значи дека главниот исход веројатно ќе биде „површно примирје што главно ѝ оди во прилог на Кина“, вели Скот Кенеди од Центарот за стратегиски и меѓународни студии во Вашингтон.






