среда, 10 јуни 2026

Во Скопје е заловен волк, чуван како домашно милениче

Вечерва во една скопска населба беше заловен волк, кој очигледно бил незаконски чуван (со ремче и ланец) како домашно милениче. За случајот веднаш беа известени сите надлежни институции, објави рано утрово Орце Ѓорѓиевски, градоначалникот на Скопје.

Објавено на

часот

Сподели

„Не можам да поверувам дека постојат толку несовесни поединци кои на ваков начин третираат диви животни, а притоа ја загрозуваат безбедноста на своите сограѓани. Ова не е само неодговорност, туку сериозна опасност за целата околина.
Волкот е згрижен од службите на Скопската зоолошка градина, а институциите очекувам да ги преземат сите неопходни мерки и целосно да го расчистат случајот!
Во Скопје мора да има ред! Мора да изградиме похумано, побезбедно и одговорно општество во кое законите важат за сите, а животните се третираат со грижа, а не како предмет за нечие иживување“, напиша на својот фејсбук-профил скопскиот градоначалник.
Како што дознаваме, волкот бил фатен во скопската населба Козле, бил врзан со ланец за бандера, и како што соопштија од скопската зоолошка градина „бил мирен и питом“. Тој е безбедно транспортиран до градината и во наредниот период  ќе биде во карантин под постојан здравствен надзор од стручни лица. Интервенирале припадници на МВР, на стручната служба од ЗОО Скопје и претставници од Град Скопје.
Од Зоолошката градина апелираат дека чување диви животни како домашни миленици е забрането и исклучително опасно.
Волците не се миленици и не смеат да се чуваат во заробеништво и несоодветни услови. Станува збор за диви животни кои имаат свои природни потреби, инстинкти и однесување, нагласуваат од зоолошката и апелираат до граѓаните доколку забележат нелегално чување диви животни, да го пријават до надлежните институции.
ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ