среда, 13 мај 2026

Лавров: САД сакаат евтино да купат дел од Северен тек и да ги одредуваат цените на гасот за Германија

Соединетите Американски Држави сакаат евтино да го купат уделот на европските компании во гасоводот Северен тек, изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров. Тој тврди дека Вашингтон планира да потроши десет пати помалку од износот на почетните инвестиции на европските партнери, објави руската државна новинска агенција РИА Новости.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Погледнете како Американците сега планираат да го обноват Северен тек – два разнесени гасоводи. А токму Американците под Џо Бајден изјавија дека овие гасоводи нема да работат. Сега, всушност, ги обвинуваат Украинците дека ги разнеле овие цевки – три од четири се уништени, а Американците сакаат да го откупат делот што им припаѓал на европските компании“, рече Лавров во интервју за каналот РТ Индија.

Шефот на руската дипломатија додаде и дека САД не ја кријат својата желба да го контролираат транзитот на гас низ Украина.

Лавров рече дека ако САД ги преземат гасоводите, цените на гасот ќе бидат диктирани од Вашингтон и нема да бидат резултат на договор меѓу Русија и Германија.

„Но, цените повеќе нема да бидат резултат на договор меѓу добавувачот, Русија, и Германија, туку цените ќе ги диктираат Американците кои ќе го купат гасоводот од Европејците“, рече Лавров.

Експлозиите што се случија пред повеќе од три години во голема мера го прекинаа транзитот на руски гас до Европа и го намалија снабдувањето на континентот со енергија, иако Русија веќе значително ги ограничи испораките пред тоа. И Русија и западните земји го оценија инцидентот како чин на саботажа.

Со години, истражителите се обидуваат да откријат кој стои зад нападите, а минатата година еден украински државјанин беше уапсен во Италија под сомнение дека ги координирал.

Во 2024 година, Волстрит џурнал објави дека американскиот инвеститор Стивен П. Линч се обидува да го купи гасоводот Северен тек 2, од кој едната линија останала недопрена во експлозиите.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ