среда, 13 мај 2026

Лафчиски-Нуфи: Македонско-албанската воена соработка е значаен фактор за регионалната безбедност

Началникот на Генералштабот на Армијата на Македонија (АРМ), генерал-мајор Сашко Лафчиски, кој престојува во официјална посета на Вооружените сили (ВС) на Република Албанија, во Тирана оствари средби на највисоко воено и државно ниво на кои се разговарало за понатамошно унапредување на меѓуармиската соработка, соопшти Канцеларијата за воени односи со јавноста на Генералштабот на Армијата.

Објавено на

часот

Сподели

Во рамки на посетата, генералот Лафчиски остварил средба со претседателот на Република Албанија, Бајрам Бегај, на која било разговарано за безбедносната состојба во регионот, сојузничката соработка и заедничките предизвици во современото безбедносно опкружување.

„Притоа беше истакната и континуирано добрата билатерална соработка помеѓу Армијата  и Вооружените сили на Република Албанија, особено во областа на заедничката обука, вежбите и учеството во регионални и НАТО активности, што претставува значаен придонес за регионалната и колективната безбедност“, се наведува во соопштението.

По приемот со високи воени почести во Генералштабот на Вооружените сили и Министерството за одбрана на Албанија, генералот Лафчиски имал одвоени средби со својот домаќин, началникот на Генералштабот на албанските вооружени сили, генерал-потполковник Арбен Кинџи и со министерот за одбрана, Ермал Нуфи.

„На средбата помеѓу началниците на Генералштабовите беа опфатени повеќе прашања меѓу кои унапредување на воената соработка преку реализација на заеднички активности, обуки и вежби, учество во меѓународни операции, актуелните безбедносни предизвици, како и можностите за користење на капацитетите со кои располагаат двете армии и меѓусебната соработка при справување со кризи“, се наведува во соопштението.

Меѓусебната воена соработка и нејзиното унапредување, како значаен фактор за регионалната и колективната безбедност, биле тема на разговор и на средбата на генералот Лафчиски со министерот за одбрана, Ермал Нуфи.

За време на разговорите била истакната важноста на соработката помеѓу двете армии во зацврстување на стабилноста и безбедноста во регионот, како и придонесот во рамки на НАТО. Притоа беше потврдена заедничката заложба за континуирано унапредување на билатералната воена соработка.

Армиската делегација го посетила и Полкот за специјални операции на Вооружените сили на Албанија, каде била запознаена со мисијата, задачите и способностите на единицата, а била реализирана и демонстрација на дел од нивните оперативни капацитети.

„Армијата има развиено добра билатерална соработка со вооружените сили на Република Албанија која е најизразена на полето на военото образование, обуката и вежбите, како на билатерален план, така и во рамките на Јадранската повелба, Форумот на началници на Генералштабови на армиите од балканските земји и СЕДМ процесот. Посетата претставува одлична можност за унапредување на соработката помеѓу двете армии“, се наведува во соопштението на Канцеларијата за воени односи со јавноста на Генералштабот на АРМ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ