Според ЦЕНТКОМ, нападите биле насочени кон центри за воени операции, хангари за авиони, складишта за беспилотни летала, поморски капацитети и воена логистичка инфраструктура, со цел дополнително да се намали способноста на Иран да го загрозува комерцијалниот поморски сообраќај низ Ормускиот Теснец. Американската команда наведува дека Иран во изминатите три месеци нападнал повеќе од 30 трговски брода што минувале низ теснецот.
Нападите следуваат откако американскиот претседател Доналд Трамп најави интензивирање на воените операции против Иран.
Трамп изјави дека САД во моментов „немаат интерес“ за разговори со Иран и најави можност за нови напади во близина на едно од главните ирански постројки за збогатување ураниум.
Иранската државна агенција ИРНА објави дека експлозии биле регистрирани во повеќе провинции, меѓу кои Бушер, Источен Азербејџан, Хамадан, Хормозган, Хузестан и Систан и Белуџистан.
Минатата недела Трамп се закани дека ќе ги прошири целите на нападите во Иран, така што меѓу нив ќе бидат вклучени и енергетски постројки и мостови.
Женевските конвенции од 1949 година за хуманитарното однесување во војна забрануваат напади врз објекти што се сметаат за неопходни за цивилното население, потсетува Ројтерс.
Иранскиот министер за внатрешни работи Ескандар Момени престојуваше во Пакистан, кој посредува меѓу двете страни во обид да ги обнови преговорите, но засега нема информации за каков било напредок, јавува Асошиетед прес.
Конфликтот дополнително влијае врз светскиот енергетски пазар. Цената на суровата нафта надмина 92 долари за барел, а во САД поскапеа и нафтените деривати.





