среда, 27 мај 2026

Ројтерс: Висок украински командант вели дека се ближи пресврт во војната

Украина има на располагање шест месеци да ја преземе иницијативата на бојното поле од Русија и да ја зајакне својата позиција за идните мировни преговори, изјави за Ројтерс висок украински командант.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Тој оценува дека по повеќе од четири години војна, пресвртницата во конфликтот е неизбежна.

Руските сили, кои од почетокот на инвазијата во февруари 2022 година бележеа постепени напредувања, годинава го забавија темпото, додека украинската војска го засилува притисокот на фронтот.

Бригадниот генерал Андриј Билецки, командант на Третиот јуришен корпус, една од најценетите украински борбени единици, во интервјуто за Ројтерс вели дека верува оти руската војска е исцрпена и неспособна за поголеми пробиви.

Ако украинската војска успее да изгради и да одржи замав во следните неколку месеци, би можела да ја преземе иницијативата долж целиот фронт. Според него, тоа би ја принудило Русија да се откаже од плановите за освојување на преостанатиот дел од Доњецката област во источна Украина.

„Верувам дека следните шест до девет месеци се пресвртница“, рече Билецки на неоткриена подземна локација во североисточната Харкивска област.

„Попрецизно, мислам дека следните шест месеци се најкритични“, додава основачот на полкот Азов.

Прашањето за контролата врз Доњецката област останува клучна пречка во мировните преговори со посредство на САД, кои се во застој. Русија ја бара целата област, додека Украина одбива да се повлече од териториите што руските сили не успеале да ги освојат.

„Мора да ги одредиме правците во кои можеме да ги подобриме своите позиции, да заземеме некои стратегиски точки и потоа со Русите да разговараме од позиција на сила, а не на слабост, за навистина стабилен прекин на огнот“, изјави Билецки.

„Од воена гледна точка, тоа е реално.“

Фото: ЕПА

Руското министерство за одбрана не одговорило веднаш на барањето за коментар.

Напредувањето на руските сили е отежнато по одлуката на Илон Маск да им го ускрати пристапот до неговата сателитска интернет-услуга Старлинк. Киев во меѓувреме ги засили нападите со беспилотни летала со среден дострел врз руската противвоздушна одбрана и логистиката.

Претседателот Володимир Зеленски минатата недела изјави дека Украина во текот на 2026 година ослободила речиси 600 квадратни километри територија, иако Ројтерс не можел независно да ја потврди таа бројка. Москва во моментов контролира речиси една петтина од украинската територија.

Џон Хелин од финската аналитичка група Блек брд се согласува со Билецки, оценувајќи дека заморот е проблем за руските сили, додека украинските напори ги отежнува недостигот од човечки ресурси.

„Се чини дека, по четири или пет месеци од оваа година, многу поверојатно е Русите да се исцрпат пред украинските проблеми да стигнат до точка на пукање“, рече тој за Ројтерс.

Во понеделникот, американскиот Институт за проучување на војната соопшти дека украинските сили сега „активно го оспоруваат позициониот карактер на војната“ и дека наскоро би можеле да бидат способни за ограничени механизирани напади.

Руската војска напредува кон таканаречениот „појас на тврдините“ во источна Украина, а борбите беснеат во стратегискиот град Костјантиновка.

Оваа мрежа од силно утврдени градови е столб на украинската одбрана, а неговото паѓање би ѝ овозможило на Русија да го загрози остатокот од Донбас.

Билецки, чии сили држат повеќе од една десеттина од вкупната линија на фронтот, вели дека неговите единици цврсто го држат крилото околу Славјанск, северното упориште на овој појас, принудувајќи ја Русија на фронтални напади.

Таквите скапи напади, тврди тој, помогнале во исцрпувањето на руските сили и довеле до големи загуби меѓу теренските команданти, што го опишува како професионална деградација на руската војска.

„Недостигот од персонал веќе не им дозволува да напредуваат како што тоа го правеа, на пример, пред една година“, рече Билецки.

Билецки вели дека е прерано да се извлекуваат конечни заклучоци од неодамнешните успеси на Киев, но смета дека Украина може да го искористи моментумот со продолжување на нападите со среден дострел и „внимателно“ напредување.

Според него, Москва „радикално губи“ во комуникациите на бојното поле поради забраната за користење на Старлинк.

Сепак, тој смета дека двете страни се речиси рамноправни во технолошкиот развој. Украина има предност во беспилотни копнени возила и тешки дронови-бомбардери, додека Русија води во развојот на дронови со оптички влакна, кои не може да се попречуваат.

Неговиот корпус е меѓу предводниците во трансформацијата на обуката и интеграцијата на нови технологии. Единиците на Билецки веќе користат тешко забележливи камиказа-дронови и роботи вооружени со митралези или ракетни фрлачи, со цел до 2027 година да заменат околу 30 отсто од пешадијата.

Следната „револуција“, вели Билецки, ќе им овозможи на командантите да организираат „покреативни“ комбинирани напади, со истовремено зачувување на скапоцените војници.

„Тоа ќе се случи оваа година и мислам дека нашиот корпус ќе биде жив пример за тоа“, заклучи тој.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ