„Надвор е неподносливо жешко, а центарот е вистинско олеснување“, рече Хоу.
Сервисниот центар е иницијатива на локалните партиски организации во заедницата и нуди едношалтерска поддршка за повеќе од 6.000 доставувачи на храна што работат во ова подрачје.
Партиските организации во урбаните заедници, кои ја предводат локалната општествена управа, сè повеќе работат на поддршка на десетици милиони лица вработени во новите форми на работа, како што е Хоу, барајќи начини тие подобро да се интегрираат во градскиот живот и полесно да се справуваат со секојдневните предизвици.
„Порано многу работници заминуваа по неколку месеци поради високите трошоци за живот“, рече Пан Џијонг, раководител на курирска станица во округот Путуо во Шангај.
„Но кога имате место каде што можете да се одморите и каде што можете да живеете, почнувате да се чувствувате како дома“, додаде тој.
Со поддршка на локалните партиски организации, на местото на поранешен паркинг во округот е изграден сервисен центар наменет за секојдневните потреби на лицата вработени во новите форми на работа и другите работници од т.н. економија на повремени ангажмани.
Центарот располага со простор за одмор што работи 24 часа, итни медицински средства, станици за полнење уреди, тушеви и пералници.
За да се намали товарот од високите трошоци за домување, обезбедени се и заеднички станови, каде што месечната кирија започнува од само 500 јуани (околу 73 американски долари).
Ваквите мерки се дел од поширок национален тренд што го следи брзиот развој на дигиталната и платформската економија. Само во Пекинг функционираат повеќе од 14.000 сервисни пунктови во близина на зоните каде што работат доставувачи, курири и други лица со флексибилни работни ангажмани, нудејќи им места за седење, вода за пиење и засолниште од дожд.
Ву Тао, професор за партиска организација на локално ниво на Кинеската извршна лидерска академија во Пудонг, истакна дека улогата на локалните партиски организации во поврзувањето на луѓето е од суштинско значење за успешно управување, особено во урбаните средини со голема густина на население и висока мобилност.
Според него, тие ги обединуваат ресурсите од различни сектори и придонесуваат општеството составено од непознати луѓе да се претвори во заедница што се темели на заедничко управување.
Бидејќи работниците во новите форми на работа, особено доставувачите, постојано се движат низ населби, деловни згради и трговски центри, локалните партиски организации увиделе дека токму тие можат значително да придонесат за управувањето со заедниците.
Новите форми на работа се однесуваат на работни места што се појавиле со развојот на интернетот и дигиталната економија, како што се доставувачи на храна, возачи преку дигитални платформи и интернет-промотори, кои својата работа ја извршуваат преку онлајн платформи.
Во населеното место Сонгнан во Шангај, доставувачите помогнале во редизајнирањето на просторот со автоматски шкафчиња за пакети во една станбена населба, давајќи предлози врз основа на своето секојдневно искуство.
Нивните препораки довеле до подобро организирање на паркирањето и просторот за сортирање пакети, со што испораките станале поефикасни и за работниците и за жителите.
„Доставувачите честопати први ги забележуваат проблемите во населбите“, рече локалниот партиски функционер Јанг Јанг.
„Тие знаат кое светло во ходникот не работи, каде е блокирана противпожарната лента и што треба да се поправи, многу пред тоа да го забележи некој друг“, додаде тој.
Во заедницата Јиџијашан во Џеџијанг се формирани и волонтерски тимови што ги охрабруваат доставувачите да учествуваат во надзорот на безбедноста на храната, доставата на оброци за постари лица и давањето помош при итни ситуации.
Покрај непосредната поддршка, локалните партиски организации настојуваат да создадат и можности за долгорочен професионален развој.
Во сервисниот центар во Јиџијашан редовно се организираат обуки за сертификација во логистиката, изработка на кратки видеа, електронска трговија преку преноси во живо и управување со нови медиуми.
„Минатата година организиравме повеќе од 50 обуки со над 3.000 учесници, а девет доставувачи потоа основаа сопствени бизниси“, изјави секретарот на партиската организација на заедницата Јиџијашан, Хе Џиќијанг, пишува Синхуа.
Покрај просторите за одмор и можностите за работа, на лицата вработени во новите форми на работа им се овозможува и еднаков пристап до јавните услуги.
Локалните власти воспоставија прекурегионален систем за плаќање на здравственото осигурување за доставувачите, како и пилот-програма за осигурување во случај на повреда при работа.
Во тек се и дополнителни мерки што треба да ѝ овозможат на оваа група подобри услови за живот во градовите.
Во Нацрт-планот на 15. петгодишен план на Кина (2026–2030), здравиот развој на флексибилното вработување и новите форми на работа е наведен како еден од приоритетите на стратегијата што става акцент на вработувањето.
Во документот се истакнува потребата од унапредување на системите за заштита на правата и интересите на лицата вработени во новите форми на работа, како и зајакнување на услугите, управувањето и поддршката што им се обезбедува.





