Цените на нафтата на меѓународните пазари се искачија над 94 долари, поради новите тензии во Ормускиот теснец, што ги одразува очекувањата на инвеститорите дека снабдувањето со сурова нафта наскоро би можело да се нормализира.
На лондонскиот пазар попладнево со барел нафта се тргуваше по 94,45 долари, што е за 4,07 долари повеќе во однос на затворањето на тргувањето на крајот од минатата недела. На американскиот пазар барелот поскапе за 4,05 долари и достигна цена од 87,90 долари.
Кон крајот на минатата недела расположението на пазарите беше обележано од иранската најава за отворање на Ормускиот теснец. Техеран тогаш повтори дека вклучувањето на Либан во американско-иранското примирје е услов за разговори со Вашингтон, кои доведоа до 10-дневно примирје.
Во четвртокот навечер американскиот претседател Доналд Трамп објави дека Либан и Израел постигнале договор за прекин на непријателствата, за почеток во период од 10 дена, со цел да се овозможат мировни преговори.
Трамп, по објавата на шефот на иранската дипломатија, на мрежата Трут сошл напиша дека Ормускиот теснец е „целосно отворен“, но неколку часа подоцна додаде дека Соединетите Американски Држави ќе продолжат со поморската блокада на Иран.
Техеран ги предупреди САД дека со тоа го прекршуваат примирјето и во саботата официјално повторно го затвори теснецот низ кој минува значителен дел од светската трговија со сурова нафта.
Соединетите Американски Држави најавија дека испраќаат делегација во Пакистан за нов круг разговори со Иран, но Техеран одговори дека, како што стојат работите сега, нема намера да учествува.
Ситуацијата е загрижувачка, особено во пресрет на истекот на 10-дневното примирје, и отвора простор за нов циклус на конфликти во Персискиот Залив и нов раст на цените на нафтата, оценуваат аналитичарите.






