вторник, 21 април 2026

Маѓар: Унгарија ќе ги спроведува налозите на Хашкиот суд, како тој против Нетанјаху

Мандатарот за нова унгарска влада Петер Маѓар изјави дека неговата земја повторно ќе се приклучи на Меѓународниот кривичен суд (МКС) и ќе биде подготвена да ги спроведе налозите за апсење, вклучително и за израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Премиерот во заминување Виктор Орбан, кој беше на власт 16 години, минатата година го објави повлекувањето на Унгарија од Меѓународниот кривичен суд откако го прими Нетанјаху во Будимпешта. Повлекувањето требаше да стапи на сила на 2 јуни оваа година.

Веднаш по победата на парламентарните избори на 12 април Петер Маѓар ја објави својата намера да ја врати Унгарија во МКС. Во исто време израелските медиуми известија за неговиот телефонски разговор со израелскиот премиер, во кој Маѓар го поканил Нетанјаху во Будимпешта на 23 октомври за 70-годишнината од востанието против Советите во 1956 година.

Кога еден новинар го праша во понеделникот дали ја гледа оваа контрадикција, Маѓар појасни дека испратил покана до сите лидери со кои разговарал по телефон. „Ако една земја е членка на Меѓународниот кривичен суд и лице со потерница влезе на нејзина територија, тогаш тоа лице треба да биде уапсено“, додаде идниот конзервативен лидер на прес-конференција по првиот состанок на неговата пратеничка група во парламентот.

„Не морам сè да кажувам преку телефон. Претпоставувам дека секој шеф на држава и влада ги знае овие закони“, додаде Маѓар.

Меѓународниот кривичен суд со седиште во Хаг издаде налог за апсење на Бенјамин Нетанјаху во 2024 година за воени злосторства и злосторства против човештвото во Појасот Газа.

Маѓар објави дека неговиот тим ја проучува постапката за запирање на процесот на повлекување на Унгарија од Меѓународниот кривичен суд пред 2 јуни.

Маѓар во понеделник објави дека конститутивната седница на Националното собрание ќе се одржи за време на викендот на 9 и 10 мај, кога тој ќе положи заклетва.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ