Пред состанокот на министрите за надворешни работи во Луксембург, Будрис ги осуди плановите за разговори во Будимпешта, што би го означило првото патување на Путин во земја од ЕУ откако започна агресијата на земјата врз Украина во февруари 2022 година.
Литванскиот министер рече дека не може да замисли Путин да го преминува воздушниот простор на ЕУ и додаде дека во Европа нема место за воени злосторници, објави Политико.
„Единственото место за Путин во Европа е во Хаг, пред трибуналот (Меѓународен кривичен суд), а не во еден од нашите главни градови“, нагласи Будрис.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски вчера им изјави на новинарите дека иако Киев е „подготвен да се сретне во кој било формат што ќе биде ефикасен“, тој „не мисли дека Будимпешта би била добро место за таков состанок“.
„Не верувам дека премиер што насекаде ја блокира Украина може да направи нешто позитивно за Украина“, рече Зеленски, мислејќи на унгарскиот премиер Виктор Орбан.
Орбан, кој „внимателно ги негува“ односите и со Путин и со Трамп, објави планови неговата земја да биде домаќин на средбата Путин-Трамп.
Зеленски рече дека има многу други „вредни опции“, наведувајќи ги Швајцарија, Австрија, Ватикан, Саудиска Арабија, Катар и Турција.
Шефицата за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас, изјави пред состанокот на министрите за надворешни работи дека плановите Путин, кој е баран од Меѓународниот кривичен суд по обвиненија за воени злосторства, да дојде во Будимпешта „не се убави“, објави Политико.
Сепак, Калас рече: „Америка има голема моќ да изврши притисок врз Русија да дојде на преговарачката маса – ако ја искористат, секако дека е добро“.
Францускиот министер за надворешни работи, Жан-Ноел Баро, додаде дека разговорите би можеле да имаат смисла, но само ако доведат до „итен прекин на огнот“.
Европската комисија навести дека ограничувањата на воздушниот простор што им спречуваат на руските дипломати да патуваат во поголем дел од континентот би можеле да бидат ублажени за да може Путин да дојде на разговорите во Будимпешта.
Политико денес исто така објави дека Трамп му рекол на Зеленски дека сака „да ја заврши војната на сегашната линија“ на воен контакт, наместо да врши притисок врз Киев да се откаже од територијата во Донбас, која руските сили не успеаја да ја освојат на бојното поле.






