понеделник, 29 јуни 2026

Литванија: Нема знаци дека Русија подготвува напад на Балтикот

Литванија не гледа знаци дека Русија подготвува голем воен напад врз балтичките држави, но предупредува дека заканата од саботажа е сè уште висока, објави литванското Министерство за одбрана. Коментарот следи по медиумските извештаи за можни руски провокации, објави литванската јавна радиотелевизија ЛРТ.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Литванското Министерство за одбрана се огласи по повод статија на британски Гардијан, кој, повикувајќи се на свои извори, објави дека Русија подготвува можна „провокација“ против балтичките држави или Полска. Министерството нагласи дека ваквите извештаи имаат за цел ескалација на тензиите во балтичкиот регион.

„Во моментов нема знаци дека Русија подготвува голем воен напад врз балтичките држави, но нивото на закана од саботажа – како што се подметнување пожари или други дејствја против клучна инфраструктура на литванска територија – останува високо“, изјави Министерството за одбрана на Литванија.

Министерството додава дека таквата реторика е во исто време обид да се одвлече вниманието од неуспесите на Русија на бојното поле и да се влијае врз решеноста на сојузниците да продолжат да обезбедуваат воена поддршка на Украина.

Полскиот министер за надворешни работи Радослав Шикорски неодамна изјави дека Русија би можела да организира операција со „лажен извршител“ за да оправда напад врз една од членките на НАТО.

А летонската разузнавачка служба неодамна предупреди дека Русија подготвува можни провокации против балтичките држави или Полска. Според нив, ова би можело да вклучува напади со беспилотни летала и други хибридни акции насочени кон принудување на земјите од НАТО да престанат да ја поддржуваат Украина.

На ова се надоврза и шефот на полската разузнавачка агенција Павел Сота кој посочи дека Русија би можела да ги користи таканаречените „мали зелени луѓе“ за да предизвика провокации во балтичките држави со цел да ја тестира реакцијата на НАТО алијансата.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ