среда, 15 април 2026

Кина за протечените тајни документи: „Чиста измислица“

Кина ги отфрли медиумските наводи дека му дава воена поддршка на Иран, а портпаролот на Министерството за надворешни работи, Лин Ѓиен, ги нарече „чиста измислица“. Пекинг истовремено предупреди дека ќе „одговори со контрамерки“ доколку Соединетите Американски Држави врз основа на тие обвинувања воведат дополнителни царини, пишуваат Си-ен-ен и Њујорк тајмс.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Иако Ѓиен не прецизираше на кои написи се повикува, Си-ен-ен, повикувајќи се на американски разузнавачки извори, објави дека Кина се подготвува во наредните недели да му испорача на Иран нови системи за противвоздушна одбрана. Њујорк тајмс исто така објави, цитирајќи американски претставници, дека разузнавачките служби проценуваат дали Кина можеби веќе му испорачала на Иран преносни противвоздушни ракети во текот на последните неколку недели. Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека ќе воведе дополнителни 50 проценти царини на кинеската стока ако таа разузнавачка проценка се покаже точна.

Фајненшл тајмс денес објави и дека Иран користел кинески шпионски сателит за насочување на американските воени бази. За време на тековниот конфликт, Иран користел кинески сателитски податоци за попрецизно да ги таргетира американските воени бази на Блискиот Исток, објави весникот, повикувајќи се на разузнавачки извори. Информацијата ја пренесе и Ројтерс, но засега нема официјална потврда од Вашингтон, Пекинг, ниту од Техеран.

Според тие наводи, Иран имал пристап до снимки од кинески шпионски сателит што овозможиле значително попрецизно одредување на целите. Не станува збор само за општо следење, туку за податоци што можеле да помогнат во конкретен избор на цели и планирање напади.

Доколку се потврди, тоа би значело значително подобрување на способностите на Иран, кој досега се потпираше на комбинација од сопствено извидување, беспилотни летала и штури сателитски податоци. Оваа информација доаѓа по низа претходни извештаи што укажуваат дека Кина, иако официјално неутрална, веќе извесно време индиректно му помага на Иран преку технолошки и разузнавачки капацитети.

Американските разузнавачки кругови претходно предупредуваа дека кинески компании објавуваат многу детални сателитски снимки од американски воени објекти на Блискиот Исток. Тие снимки често се дополнително обработени со помош на вештачка интелигенција, што ги прави значително покорисни за анализа и воено планирање.

Сателитот ТЕЕ-01Б, кој го изградила и лансирала кинеската компанија „Ерт ај“, го презеле Воздушните сили на Корпусот на исламската револуционерна гарда кон крајот на 2024 година, откако бил лансиран во вселената од Кина, се наведува во извештај што се повикува на тајни ирански воени документи.

Иранските воени команданти го насочиле сателитот да ги следи главните американски воени локации, пишува весникот, повикувајќи се на временски означени списоци на координати, сателитски снимки и експертска анализа. Сликите биле направени во март, пред и по нападите со дронови и ракети врз тие локации, наведува Фајненшл тајмс.

Ројтерс не можел да го потврди извештајот. Белата куќа, Централната разузнавачка агенција, Пентагон, кинеското Министерство за надворешни работи и Министерството за одбрана, како и „Ерт ај“ и „Емпосат“, не одговориле на барањата од Ројтерс за коментар.

Како дел од договорот, иранските сили добиле пристап до комерцијални копнени станици управувани од „Емпосат“, пекиншки давател на сателитски услуги за управување и пренос на податоци со мрежа што се протега низ Азија, Латинска Америка и други региони, според извештајот.

Сателитот направил снимки од воздухопловната база „Принц Султан“ во Саудиска Арабија во понеделникот, вчера и денес, наведува Фајненшл тајмс. Вчера Трамп потврди дека американски авиони во базата биле погодени. Според извештајот, сателитот ја следел и воздухопловната база „Мувафак Салти“ во Јордан.

Исто така следел локации во близина на американската поморска база на Петтата флота во Манама, Бахреин, како и аеродромот Ербил во Ирак, приближно во времето на нападите на иранските сили врз објектите во тие области.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ