По посетата на Северна Кореја минатиот месец, шефот на рускиот Совет за безбедност и поранешен министер за одбрана, Сергеј Шојгу, за руските медиуми изјави дека севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун се согласил да испрати дополнителни 6.000 воени инженери и работници во регионот Курск на границата со Украина, истакнувајќи го подобрувањето на воените врски меѓу Москва и Пјонгјанг.
Јужнокорејската Националната разузнавачка служба (НИС) ги потврди тие наводи. Разузнавачката агенција, исто така, тврди дека Северна Кореја испорачала повеќе од десет милиони артилериски гранати и ракети на Русија, а за возврат добила помош во форма на економска соработка, односно воена технологија.
Заемно корисен договор
Аналитичарите велат дека со оглед на придобивките што двете страни ги добиваат од нивниот сојуз, веројатно е дека Северна Кореја навистина ќе испрати повеќе војници да се борат заедно со своите руски колеги и дека сака да помогне на подолг рок.
„И Москва и Пјонгјанг го добиваат она што го сакаат од овој договор“, вели Јаков Зинберг, професор по меѓународни односи на Универзитетот Кокушикан во Токио.
„Знаеме дека Русија претрпе загуби, стотици илјади луѓе убиени и ранети, и дека владата не сака да ја прошири мобилизацијата во големите градови, како што се Москва и Санкт Петербург, бидејќи тоа би можело да го загрози режимот на (рускиот претседател Владимир) Путин во тие градови“, вели тој за Дојче веле.
Во меѓувреме, севернокорејските власти се обидуваат да го искористат распоредувањето како можност да ја „разбудат“ нацијата.
Солзите на Ким
На пример, во настојување да се поттикне националниот ентузијазам пред да бидат испратени дополнителни војници, државните медиуми во понеделникот емитуваа и снимки од Ким како поставува севернокорејско знаме над ковчег на церемонија за враќање на телата на војниците убиени во акција.
Иако на видеата можеа да се видат само шест ковчези, западните разузнавачки извештаи сугерираат дека од приближно 11.000 севернокорејски војници досега вклучени ослободувањето на Курск од украинските сили, околу 6.000 се убиени, ранети или заробени.
На снимките се гледа Ким како плаче за време на заедничкиот културен настан со Русија во Пјонгјанг во саботата, организиран по повод годишнината од потпишувањето на билатералниот воен пакт со рускиот лидер Владимир Путин.
„Севернокорејските сили му помагаат на режимот на Путин“
Ако Пјонгјанг го (ис)користи распоредувањето војници како пропагандна алатка, присуството на севернокорејските сили е благодет и за руските власти и за граѓаните. „Повеќето од оние што досега се регрутирани доаѓаат од далечни републики и имаше мал отпор, но кога разговарам со Руси, тие секогаш велат дека се плашат од уште една мобилизација“, вели Зинберг, кој всушност потекнува од Санкт Петербург.
„Кога владата објавува дека уште 6.000 севернокорејски војници ќе бидат испратени на фронтовската линија, тогаш тие велат дека можат да се релаксираат затоа што знаат дека се безбедни“, додаде Зинберг. „Значи, испраќањето на Севернокорејците всушност му помага на режимот на Путин.“
Зинберг, исто така, вели дека употребата на севернокорејски војници е пресметан потег насочен кон „ширење страв“ меѓу европските сојузници на Украина, кои претходно се надеваа дека Русија порано или подоцна ќе остане без луѓе и материјали, и дека нуклеарниот сојузник на Русија во Источна Азија ќе ги држи Соединетите Американски Држави, Јужна Кореја и Јапонија „будни“, односно во постојана готовност.
„Главната причина се руските загуби“
Ра Џонг Јил, поранешен дипломат и висок јужнокорејски разузнавачки службеник, се согласува дека „главната причина“ за тоа што Северна Кореја се согласи да испрати повеќе војници се загубите што Русија веќе ги претрпе на фронтовските линии.
„Се чини дека некои од овие војници ќе бидат користени и како работници за обнова на инфраструктурата во окупираните области, што е нешто во што севернокорејските сили се добри бидејќи се користат толку често на северот (на Корејскиот Полуостров)“, вели тој.
Ра предвидува дека Северна Кореја „ќе продолжи да испраќа повеќе персонал дури и по завршувањето на борбите, бидејќи на Русија сè уште ќе ѝ недостасуваат многу работници за обнова на областите погодени од воените судири“.
Може ли помошта за Русија да обезбеди опстанок на режимот во Пјонгјанг?
Разузнавачките проценки покажуваат дека Русија ѝ се „реваншира“ на Северна Кореја со испораки на гориво, храна и пристап до напредна воена опрема што Пјонгјанг претходно имаше тешкотии да ја обезбеди бидејќи режимот е под строго ембарго и санкции на Обединетите нации поради неговата нуклеарна програма.
Друга придобивка за Пјонгјанг е едноставно престижот што доаѓа од тоа што е клучен сојузник на глобална сила. Тоа е сојуз што Северна Кореја лесно може да го искористи во своја корист во трговските и безбедносните договори со Кина, која долго време е најблизок партнер и заштитник на режимот.
„Им се допаѓа статусот кој им го носи пријателство со Русија“, смета Зинберг.
„Очекувам дека тие ќе останат блиски до Москва дури и по завршувањето на војната, нудејќи им на Русите војници и работна сила, бидејќи знаат дека тоа може да им донесе придобивки кои помагаат во поддршката на режимот и го обезбедуваат неговиот опстанок“, додава тој.