четврток, 16 април 2026

Израелската опозиција гневна поради примирјето со Либан

Лидерот на израелската опозиција Јаир Лапид остро го критикуваше денес постигнатото примирје меѓу Либан и Израел, порачувајќи дека „сите ветувања на оваа влада се косат со реалноста“. На неговата осуда се придружија и други опозициски лидери, кои го сметаат прекинот на огнот за предавство и стратегиска грешка, пишува Џерусалим пост.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Лапид нагласи дека војната со Либан може да заврши само со целосно и трајно отстранување на заканата за израелските населби по должината на северната граница. „Оваа влада тоа повеќе нема да го направи; ние ќе го направиме во следната влада“, заклучи тој. Претседателот на партијата Израел бејтену, Авигдор Либерман, исто така го осуди примирјето, нарекувајќи го „предавство“.

„Владата не научи ништо од 7 октомври. На Хезболах повторно му се дава време за опоравување и зајакнување. Војната не смее да заврши без јасна победа и елиминација на Хезболах. Во спротивно, следниот конфликт е само прашање на време, по многу повисока цена и под многу полоши услови“, кажа Либерман, мислејќи на „следната влада“.

Поранешниот началник на Генералштабот на израелската армија Гади Ајзенкот, сега шеф на партијата Јашар, посочи на моделот според кој Израел е принуден на прекин на огнот, наведувајќи ги Газа и Иран како претходни примери. „Мислам дека тоа е лош знак и произлегува од фактот дека Нетанјаху, како премиер, не знае како да ги претвори воените достигнувања во политички, па затоа ни се наметнува примирје по трет пат“, објасни тој.

Во својот прв коментар за прекинот на огнот, Хезболах кажа дека никакво примирје не треба да му дозволи на Израел слобода на движење во Либан. Тие додадоа дека присуството на израелски трупи на либанска територија му дава на Либан и на неговиот народ „право на отпор“.

Сојузникот на Хезболах и претседател на либанскиот парламент Набих Бери ги повика Либанците да „го одложат враќањето во своите градови и села додека не се разјасни ситуацијата, во согласност со договорот за прекин на огнот“.

На меѓународно ниво, објавата за примирјето од американскиот претседател Доналд Трамп наиде на поголема поддршка. „Го поздравувам објавеното десетдневно примирје меѓу Израел и Либан, постигнато со посредство на претседателот Трамп“, изјави претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лаен.

„Олеснување е, бидејќи овој конфликт веќе одзеде премногу животи“, кажа таа. „Сега ни треба не само привремено прекинување на огнот, туку и пат кон траен мир. Европа ќе продолжи да повикува на целосно почитување на суверенитетот и територијалниот интегритет на Либан. Ќе продолжиме да го поддржуваме либанскиот народ со значителна хуманитарна помош“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ