недела, 20 јули 2025

Италијанска работа: како Мелони го избегнува зголемувањето на трошоците за НАТО

Италија, заедно со другите членки на НАТО, се согласи значително да ги зголеми трошоците за одбрана во текот на следната деценија, но владата на Џорџа Мелони веќе работи на итри начини тој трошок што е можно помалку да ги оптовари веќе исцрпените јавни финансии.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

За разлика од Шпанија, која отворено рече дека не може да оди многу над старата цел на НАТО од два проценти од бруто-домашниот производ (БДП), Италија се согласи со условите поставени од американскиот претседател Доналд Трамп на самитот минатата недела, обврзувајќи се на пет проценти до 2035 година, барем на хартија.

Мелони, свесна дека анкетите на јавното мислење покажуваат дека зголемувањето на воените трошоци е исклучително непопуларно меѓу Италијанците, се обиде да ги успокои по враќањето од самитот, објави Ројтерс.

„Ова се неопходни трошоци, но ние сме решени да не одвлекуваме ниту едно евро од другите приоритети на владата“, изјави таа за новинарите.

Трошоците за одбрана на Италија беа само 1,5 проценти од БДП во 2024 година, близу дното на 32-члениот блок.

Ројтерс објави дека владата ја достигнала целта од 2 проценти оваа година во голема мера преку креативна сметководствена гимнастика, вклучувајќи ги, меѓу другото, воените пензии и трошоците за крајбрежната стража, кои претходно не беа вклучени.

Но исполнувањето на новата цел ќе биде многу потешко. На хартија, вели Ројтерс, тоа би барало зголемување на трошењето за повеќе од 60 милијарди евра, што е огромна задача за земјата со втор највисок долг во еврозоната – 135 проценти од БДП.

Европската комисија (ЕК), која исто така ги повикува земјите-членки на ЕУ да ги зголемат трошоците за одбрана, воведе таканаречена „клаузула за исклучок“ во фискалните правила, што дозволува трошењето да расте до 1,5 проценти од БДП годишно до 2028 година.

Но Италија има помалку простор да ја користи оваа клаузула бидејќи нејзиниот дефицит веќе се смета за превисок.

Според италијанските претставници, Мелони планира да го удвои пристапот од оваа година со вклучување буџетски ставки што имаат малку врска со војската во трошоците за одбрана, надевајќи се дека НАТО и Европската комисија ќе замижат пред таквиот маневар.

Италија, третата најголема економија во еврозоната, би можела да послужи како лакмус-тест за другите членки на НАТО што исто така се согласиле со целта од 5 проценти, но се соочуваат со големи предизвици во нејзиното достигнување, истакнува Ројтерс.

Рим размислува во трошоците за одбрана да вклучи цивилна инфраструктура како што се пристаништа, бродоградилишта, па дури и амбициозен, долго планиран мост за поврзување на Сицилија со копното, велат официјални лица.

Италија би можела да послужи како лакмус-тест за другите членки на НАТО што исто така се согласиле со целта од 5 проценти, но се соочуваат со големи предизвици во нејзиното исполнување.

Италија планира да инвестира 206 милијарди евра во модернизација на своите железници и уште 162 милијарди евра во патишта и автопати, според парламентарна анализа заснована на владини податоци. Многу од тие проекти сега би можеле да се означат како инвестиции во одбраната и безбедноста.

„Голем дел од планираните инвестиции во инфраструктурата спаѓаат во параметрите на НАТО бидејќи имаат двојна намена“, изјави за Ројтерс заменик-министерот за транспорт Едоардо Рикси.

На прашањето од Ројтерс, ЕК рече дека Италија ќе одлучи дали примарната цел на инфраструктурниот проект е воена или цивилна.

Еден претставник на НАТО порача дека членките мора да имаат „уверлив пат“ кон исполнување на ветувањето за воени трошоци, а годишните планови покажуваат како тие би ги поддржале тие зголемувања.

Како поттик за плановите на Италија, тој додаде: „Ни требаат цивилни транспортни мрежи што можат да ја поддржат воената мобилност. Покрај тенкови, борбени авиони и воени бродови, ни требаат патишта, железници и пристаништа.“

Италија веќе ги идентификуваше стратегиските инфраструктурни проекти во вредност од дури 483 милијарди евра што треба да се завршат во наредните години, што значи дека нема недостиг од потенцијални проекти што треба да се вклучат во трошоците за одбрана.

Добивање на време

Новата цел на НАТО ја вклучува основната компонента на трошоците за одбрана, која мора да достигне 3,5 проценти од БДП до 2035 година, како и дополнителна компонента во поширокиот безбедносен сектор, во вредност од 1,5 процент.

Надградбата на пристаништата во северните градови Трст и Џенова, како и на бродоградилишниот и ремонтен центар во блиската Ла Специја, би била прифатлива за исполнување на критериумите на НАТО, рече Рикси.

„Ако треба да градите, поправате и одржувате воени бродови, како и да транспортирате војници и воена опрема, треба да имате инфраструктура за тоа“, рече тој.

Ројтерс објави дека времето е исто така клучен фактор. Со оглед на тоа што централно-левичарската опозиција тврди дека воените трошоци ќе ја исцрпат социјалната држава, Мелони сака да ги одложи сите зголемувања до по следните избори, закажани за 2027 година, рекоа официјалните лица.

„Вистинскиот предизвик за Мелони не е износот, туку тајмингот“, рече Франческо Галиети, основач на центарот за истражување на политичкиот ризик „Полиси сонар“ со седиште во Рим.

Италија до 2027 година, исто така, ќе може целосно да ја искористи фискалната флексибилност на ЕУ – претходно споменатата „клаузула за исклучок“, под услов дефицитот да се намали под 3% од БДП, како што е планирано.

Затоа Рим успешно лобираше кај НАТО-сојузниците да избегнат воведување минимално годишно зголемување на воените трошоци, рече функционер запознаен со преговорите, додавајќи дека Италија исто така одиграла клучна улога во поместувањето на рокот за достигнување на целта од пет проценти од првично планираната 2032 година на 2035 година.

„Пораката е јасна – Италија ќе направи сѐ што мора за да ги исполни своите обврски кон НАТО, но ќе го направи тоа со свое темпо“, рече Галиети.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ