Израелската војска најави дека ќе ги прошири своите воени операции во секторот, вклучително и „област каде што претходно не интервенираше“ во повеќе од 21-месечната војна против исламистичкото палестинско движење Хамас, повикувајќи ги жителите да се евакуираат.
Според Канцеларијата на ОН за хуманитарни прашања (Оча), во тој сектор се наоѓаат помеѓу 50.000 и 80.000 луѓе.
По објавата, цели семејства тргнаа, носејќи ги своите работи рачно или во коли влечени од магариња, упатувајќи се кон југ, пренесуваат дописниците на агенцијата Франс прес од местото на настанот.
Жител на тој сектор, Абу Слим, изјави дека во текот на ноќта слушнале големи експлозии, дека се работи за артилериски оган.
„Се плашиме дека израелската армија се подготвува за копнена офанзива во Деир ал Балах и камповите во центарот на Појасот Газа, каде што се акумулирани стотици илјади раселени лица“, додаде тој.
Друг жител, 50-годишниот Хамди Абу Мугсиб, за франс прес изјави дека по ноќта интензивно гранатирање, тој и неговото семејство избегале на север во зори, напуштајќи шатор што го поставиле во јужниот дел на Деир ал Балах.
„Видовме како тенкови напредуваат повеќе од еден километар од Кан Јунис (југ) во југоисточниот правец на Деир ал Балах“, рече тој, додавајќи дека нема ниту едно безбедно место во Појасот Газа и дека не знае каде може да оди со своето семејство.
Портпаролот на цивилната одбрана во Газа, Махмуд Басал, изјави дека добиле повици од семејства под опсада во областа Барака во Деир ал Балах, дека има повеќе повредени, но дека никој не може да дојде да ги евакуира.
Службеникот за комуникации на британската медицинска невладина организација „Медицинска помош за Палестина“ во Газа, Маи Елававда, ја опиша ситуацијата како „екстремно критична“.
„Има гранатирање околу нашата канцеларија, воените возила се на само 400 метри од нашите колеги и нивните семејства“, рече таа, додавајќи дека сите почнуваат да се евакуираат, а повеќето не знаат каде да одат.
На прашањето на агенцијата Франс Прес, израелската армија сè уште не дала коментар.






