Американскиот претседател рече дека сојузниците во НАТО треба да ги зголемат инвестициите во одбраната на 5 отсто од бруто домашниот производ, во однос на сегашната цел од 2 отсто.
Дипломатите велат дека европските сојузници разбираат дека зголемувањето на трошоците за одбрана е цената за обезбедување континуирана американска посветеност на безбедноста на континентот, поради што на Трамп треба да му се дозволи да прогласи победа по неговото барање од 5 отсто за време на самитот, закажан за 24 и 25 јуни.
„Мораме да одиме понатаму и мора да одиме побрзо“, изјави генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, пред новинарите во среда.
„Новиот план за инвестиции во одбраната ќе биде во центарот на самитот на НАТО во Хаг“, додаде тој.
Во обид да ја исполни целта на Трамп од 5 отсто, Руте предложи членките на алијансата да ги зголемат трошоците за одбрана на 3,5 отсто од БДП и да се обврзат на дополнителни 1,5 отсто од пошироките трошоци поврзани со безбедноста, пренесува Ројтерс.
Сепак, за деталите од новиот инвестициски план најверојатно ќе се преговара до самиот почеток на самитот на НАТО.
„Мораме да најдеме реален компромис помеѓу она што е потребно и она што е всушност можно да се потроши“, изјави во среда германскиот министер за одбрана Борис Писториус.
Земјите остануваат поделени околу временската рамка за новата обврска.
„Нема неограничено време“, изјави американскиот амбасадор во НАТО, Метју Витакер, пред новинарите во среда.
Руте предложи да се достигне 5 отсто до 2032 година – датум што некои источноевропски земји го сметаат за предалеку, но други го сметаат за предвремен и нереален со оглед на сегашната потрошувачка и нивоата на индустриско производство.
2032 година како цел е „дефинитивно предоцна“, изјави во среда литванската министерка за одбрана Довиле Сакалиене, залагајќи се за цел најдоцна до 2030 година.
Исто така, се води дебата за тоа како да се дефинираат трошоците „поврзани со одбраната“, што би можело да вклучува трошоци за сајбер безбедност и одредени видови инфраструктура.
„Целта е да се најде дефиниција што е доволно прецизна за да опфати само реални инвестиции поврзани со безбедноста, а во исто време доволно широка за да ги земе предвид националните специфичности“, рече дипломат на НАТО.