недела, 20 јули 2025

Германски весник: Темната страна на српското студентско движење

Најновата кулминација на протестите кои со месеци се одржуваат во Србија против владеењето на автократот Александар Вучиќ, на 28 јуни, привлече внимание и во странство, пишува еден германски весник. „Околу 140.000 луѓе во Белград побараа нови избори. Тој број не го достигна оној од митингот на 15 март, кога студентското движење успеа да мобилизира повеќе од 300.000 граѓани од целата земја. Сепак, тоа покажа дека протестите против шефот на државата, повеќе од половина година откако почнаа во ноември 2024 година, не ја изгубија својата сила.“

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Сепак, собирот на 28 јуни, исто така, посочи на еден загрижувачки развој за целиот Балкан, оценува авторот на написот, новинарот Михаел Мартенс. „Тој тренд се наѕира веќе некое време, но во странство едвај се забележува: во студентското движење, кое сè уште е главната движечка сила на протестите, преовлада големосрпскиот национализам, потсетувајќи на раните години од владеењето на српскиот воинствен лидер Слободан Милошевиќ во раните 1990-ти.“

Според авторот, ова веќе го покажала листата на говорници избрани од студентите за собирот: „Националисти и релативисти на воени злосторства се натпреваруваа во ширењето на големосрпските слогани. Водителката избрана од студентите не заостануваше зад нив. Само ректорот на Белградскиот универзитет зборуваше со умерен тон, но тој остана исклучок. Другите говорници оставија впечаток дека не им е грижа за првичната цел на протестното движење – односно, враќањето на демократијата и владеењето на правото во Србија – туку за започнување нови војни против Косово или Босна“.

Шифрирани зборови на големосрпската идеологија

Франкфуртер алгемајне цајтунг понатаму оценува дека состанокот го отворил студент кој „хистерично викал и врескал“, и кој веќе неколку пати се појавил како портпарол на движењето. „Во еден квазибиблиски говор, тој многу зборуваше за Бог, Србите и Косовската битка против Османлиите на 28 јуни 1389 година. Тој датум, кој во Србија се слави како Видовден, денот на Свети Вид, има митски набој во српскиот национализам и се користи како универзално оружје. Фактот што студентите го избраа токму тој ден за собирот, навестуваше нешто лошо. И тие претчувства се остварија. 28 јуни „во нашата сакана татковина“ е денот „кога молитвите и крвта стануваат едно“, извика студентскиот претставник во микрофонот. По обилната реторика за „крвта и почвата“ и познатите предци кои ги дале своите животи за српската татковина, студентот прочита текст од Николај Велимировиќ, националистички српско-православен свештеник и обожавател на Хитлер, кој починал во 1956 година и во кој повторно се зборуваше многу за „коските, предците и татковината.“

Оние што веруваа дека воведниот говор е исклучок или еден вид прагматична отстапка од страна на студентите кон силниот националистички дел од српското општество, згрешија, смета германскиот новинар. „Затоа што така и продолжи. Професор по литература, кој неодамна ја пофали поезијата на Радован Караџиќ, воен злосторник на босанските Срби осуден на доживотен затвор, во псевдоисториски говор ја повика публиката да не ги заборави Србите на Косово, ниту во Република Српска во Босна, Црна Гора и Македонија. Станува збор, како што кажа, за „слободата на српскиот народ надвор од Србија“ и „борбата за српскиот интегрализам“. Ова се кодни зборови за големосрпската идеологија, во чие име српските сторители во 1990-тите извршија злосторства како што е геноцидот во Сребреница, прво во Хрватска, потоа во Босна и конечно во Косово.“

Фактот дека говорот на професорот не само што беше одржан, туку и ентузијастички беше поздравен од публиката, можеше да разбуди непријатни спомени кај гледачите кои го следеа емитувањето преку интернет, од места како Вуковар, Сараево или Приштина, оценува Франкфуртер алгемајне цајтунг. „Бидејќи, во минатото, во големосрпската идеологија, луѓето зборуваа за коските на предците и дека Србија е насекаде каде што се закопани Срби, резултатот беше дека коските на несрпски жртви завршија во масовни гробници низ целиот Балкан.“

Престигнувајќи го Вучиќ од десно

„Нормално, не сите студенти мислат исто како говорниците на најновиот протест. Можеби дури и мнозинство се оние студенти кои се згрозени од сè поизразениот големосрпско-националистички тон на протестното движење против недемократското владеење на Вучиќ. Но, ако не се дистанцираат од националистичките испади како оние на Видовден, се слуша само другата, темна страна на Србија“, оценува авторот и заклучува:

„Несомнено: ако се случи дистанцирање, протестното движење би се поделило на најмалку два дела. Тогаш тоа би ослабнало. Но, неговото барање за демократија и владеење на правото би се зајакнало. Во моментов, студентите се обидуваат да не му го препуштат српскиот национализам на Вучиќ и да го престигнат од десно. Но, дури и брзата лента на погрешниот пат сè уште останува – погрешниот пат. Владеењето на Вучиќ нема да биде потресено од националистичките циркуси и големосрпските клишеа. Во таа дисциплина никој не може да му парира. Фактот што тие сè уште се обидуваат покажува дека Вучиќ претставува само видлив израз на една националистичка заблуда, чии причини се подлабоки.“

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ