понеделник, 20 април 2026

Европските медиуми: Дали победникот на изборите во Бугарија ќе биде „нов Орбан“ и „Путинова петта колона“ во ЕУ

Победникот на изборите во Бугарија во неделата, нејзиниот поранешен претседател и иден премиер Румен Радев, изборната битка ја доби со огромна поддршка од гласачите за борба против корупцијата, високите трошоци за живот и „државната мафија“, и сепак нема да биде „нов Орбан“, оценуваат дел аналитичари во Европската Унија.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Други, пак, токму во Радев гледаат „нов Орбан“, поради неговите изјави дека се залага за средување на односите меѓу Европската Унија и Москва, за запирање на европската воена помош за Украина, за прекин на војната и за обновување на протокот на руски гас и нафта кон Европа.

Радев, со одредена харизма на поранешен генерал, пилот и командант на бугарското воено воздухопловство, јасно истакна дека сака зацврстување на улогата на Бугарија во Европската Унија и останување во НАТО.

Тој претходно, како претседател, влезе во остар судир со досегашната власт на крајно непопуларниот Бојко Борисов, кој беше поразен на изборите и кој го нарече Радев „новиот Орбан“.

Многу медиуми во Европа и светот во прв план ја пренесоа веста со наслов: „Победи прорускиот Радев“, иако во истите извештаи се наведува дека таквите определби „наводно му се припишуваат“ на Радев, додека граѓаните масовно гласале за него за да ја тргнат од власт омразената клика на корумпираната државна мафија.

Бугарскиот портал Вестник, кој е видливо ненаклонет кон победникот, тврди дека Радев ќе продолжи да прави истото што го правеше Орбан во Унгарија и дека „воопшто нема да го демонтира системот што го создаде Борисов“.

Италијанскиот весник Република дури наведува дека новиот бугарски премиер, кој има големо мнозинство во парламентот, ќе биде „Путинова ‘петта колона’“ во Европската Унија.

Порталот Дојче веле, пак, под наслов „Радев не е новиот Орбан“, пренесува извештај на германската телевизија АРД, во кој се наведува дека на Радев му се „замерува за наводна блискост со Москва“, додека тој, како што се истакнува, како најважна задача ја гледа борбата против корупцијата, со цел по пет години политичка криза да воспостави „нормална влада“ и нагласува дека е за зајакнување на улогата на Бугарија во Европската Унија и останување во НАТО. АРД ја пренесува оценката на бугарскиот политиколог и новинар Јавор Сидеров дека идниот премиер „е донекаде евроскептичен, вредносно конзервативен…, но Радев нема да биде и не е Орбан“.

Би-би-си објаснува дека бугарските избори покажале дека „народот ги отфрлил самозадоволноста и надменоста на старите партии и не наседнал на лаги и манипулации“, како што рече и самиот Радев во победничкиот говор.

Идниот премиер нагласи дека ќе работи на тоа „Бугарија да биде силна во силна Европа“ и го објасни она што некои го протолкуваа како негова „евроскептичност“ – недовербата кон Европската Унија: посочи дека Европа не може и не треба да биде главната светска морална сила.

„Она што ѝ треба на Европа токму сега“, нагласи Радев, „се критичко размислување, прагматични дејствија и добри резултати, особено во новиот безбедносен поредок… и во обновата на нејзината индустриска сила и конкурентноста“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ