среда, 25 јуни 2025

Два моста се урнаа во Русија, еден падна врз воз полн со патници (ФОТО+ВИДЕО)

Најмалку седум лица загинаа, 70 се повредени кога мост на автопат се урна во регионот Брјанск во Русија и падна врз воз во движење полн со патници. Причина за уривањето на мостот е експлозија, изјави регионалниот гувернер Александар Богомаз. Ова е втора железничка несреќа во Русија за 24 часа, а во двата случаи се урнаа мостови.

Фото: Скриншот

Објавено на

часот

Сподели

Патниот мост во квартот Вигоници се урна на пругата, по што возот излетал од шините.

„Имаше експлозија на мостот на автопатот додека возот се движеше, во кој имаше 388 патници“, изјави регионалниот гувернер Александар Богомаз на ТВ каналот Русија 24, пренесува Риа Новости.

Шефот на регионот на Телеграм појасни дека се хоспитализирани 47 лица, меѓу кои и три деца. Тројца од повредените се во тешка состојба, меѓу кои и едно осуммесечно бебе.

Богомаз рече дека 250 патници од возот по несреќата биле сместени во центар за привремено сместување (TAC), а останатите биле однесени дома од своите роднини.

Железничка несреќа се случи и во регионот Курск, каде што се урна железнички мост додека по него се движел товарен воз, пренесуваат руските медиуми. Несреќата се случила во регионот Железногорск, на железничката пруга Тросна-Калиновка, соопшти РИА Новости.

„Дел од возот падна на патот под мостот. Се запали дизел локомотивата. Министерството за вонредни ситуации брзо го локализираше пожарот“, изјави вршителот на должноста гувернер на регионот Александар Хинштајн.

Како што се наведува, останатите вагони останале на шините. Патот под мостот е затворен, а сообраќајот е во прекин.

Еден од машиновозачите ја повредил ногата, а целиот екипаж на локомотивата бил однесен во болница, пренесува РИА.

„Причината за уривањето на мостот ќе биде утврдена. Сите служби за итни случаи работат на лице место. Ја следам ситуацијата“, додаде Хинштајн.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ