Денес во Народното собрание на Република Српска се дебатира за декларацијата според која владите на Британија, Европската Унија и поединечните земји членки планираат да депортираат мигранти во трети земји и последиците од тој план за овој ентитет.
„Босна и Херцеговина има надлежност над миграцијата, но ние никогаш нема да дозволиме мигранти од Западна Европа да пристигнат на наша територија. Бидејќи, пред сè, постои безбедносен ризик“, кажа Додик во своето обраќање.
Според него, планот е мигрантите да бидат сместени во близина на градовите Бјелина, Бања Лука и Трново. „Република Српска не е и нема да биде центар за неуспешните миграциски политики на други земји“, порача лидерот на Република Српска.
Претставничката на премиерката на Обединетото Кралство и Северна Ирска за Западен Балкан, Карен Пирс, неодамна, за време на нејзината посета на Босна и Херцеговина, ги отфрли тврдењата на Додик дека британската влада сака да ја користи Босна и Херцеговина како резерват за мигранти.
Таа тврди дека Британија сака да соработува со сите земји од Западен Балкан, вклучително и Босна и Херцеговина, околу проблемот со мигрантите.
Пирс најави дека миграцијата, трговијата со луѓе и организираниот криминал ќе бидат дискутирани за време на состанокот на Берлинскиот процес на есен, чиј домаќин ќе биде Лондон. „Се надеваме дека заедно ќе најдеме решенија“, кажа таа.