недела, 15 јуни 2025

Десничарот Вилдерс во поход на премиерската фотелја во Холандија

Лидерот на холандската крајна десница, Герт Вилдерс, вчера ја собори владејачката коалиција, сметајќи на фактот дека вонредни избори фокусирани на имиграцијата ќе донесат победа на гласачките места и реализација на неговата децениска амбиција да ја преземе највисоката политичка функција.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Популистичкиот пратеник вчера ја потресе политичката сцена со повлекувањето на министрите на неговата партија од владата. Тој ги обвини коалициските партнери дека не ја поддржуваат доволно неговата строга антиимигрантска политика.

Сепак, премиерот Дик Шоф, независен политичар, го обвини Вилдерс за неодговорност, додека другите коалициски партии негираа дека му ускратиле поддршка на Вилдерс, наведувајќи дека чекаат конкретни предлози од министерот за миграција од неговата Партија на слободата (ПВВ).

Министрите од ПВВ ќе ја напуштат владата, а другите партии ќе продолжат да функционираат како техничка администрација сè до изборите, кои веројатно нема да се одржат пред октомври.

Ројтерс пишува дека незадоволството поради миграциите и високите трошоци за живот ја поттикнува крајната десница и ги продлабочува поделбите во Европа, во време кога ѝ е потребно единство за ефикасно да се соочи со „непријателска Русија“ и непредвидливиот, борбен американски претседател Доналд Трамп.

„Во последните денови, постојано им кажував на лидерите на партиите дека падот на владата би бил непотребен и неодговорен“, кажа Шоф по вонредната седница на кабинетот свикана по повод одлуката на Вилдерс.

„Се соочуваме со големи предизвици, и на национално и на меѓународно ниво, кои бараат решителност“, додаде тој, пред да му ја поднесе оставката на кралот Вилем Александар.

Можноста за нови избори веројатно ќе ја одложи одлуката за зголемување на трошоците за одбрана и ќе значи дека Холандија ќе има само техничка влада кога ќе биде домаќин на самитот на лидерите на НАТО овој месец.

Вилдерс рече дека немал друг избор освен да ја напушти коалицијата.

„Предложив план за затворање на границите за барателите на азил, нивно протерување и затворање на прифатните центри. Побарав коалициските партнери да се обврзат на тоа, што тие не го направија. Немав друг избор освен да ја повлечам поддршката за оваа влада“, им рече тој на новинарите. „Се залагав за најстрога политика за азил, а не за пропаст на Холандија“.

Тој рече дека ќе ја предводи ПВВ на новите избори и изрази надеж дека ќе стане следниот премиер.

„Се договоривме дека Холандија ќе стане најстрога во Европа (во однос на имиграцијата), но сега заостануваме и сме на самото дно“, им кажа тој на новинарите.

Некои аналитичари веруваат дека, и покрај поместувањето на Европа кон десно, неговиот план сепак би можел да му се удри од глава.

Ројтерс пишува дека анкетите покажуваат пад на популарноста на ПВВ откако влезе во владата и дека, дури и ако остане најголемата партија, формирањето коалиција ќе биде тешко во длабоко поларизирана земја. Опозициските партии одбиваат да соработуваат со Вилдерс, а неговиот ненадеен потег вчера ги налути и збуни политичките партнери.

Политикологот Јоеп ван Лит од универзитетот Радбуд во Најмеген кажа дека изборите сега најверојатно се кон крајот на октомври или ноември. Дури и тогаш, поради фрагментираната политичка сцена, формирањето нова влада би можело да трае со месеци, оценува Ројтерс.

Останува да се види дали десничарските гласачи ќе го видат развојот на настаните како неуспех на Вилдерс да ги претвори своите предлози во реалност или ќе заклучат дека му е потребен посилен мандат за да ја спроведе својата волја, вели Ван Лит.

Сајмон Отјес, доцент по холандска политика на универзитетот Лајден, оцени дека ПВВ веројатно пресметала дека следните избори ќе се сметаат за референдум за имиграциската политика, „бидејќи тие знаат дека во тој случај би победиле“.

Жителката на Амстердам, Мишел тен Берхе, за Ројтерс вели дека се надева дека „на новите избори ќе избереме влада која ќе биде поумерена“.

Сепак, цвеќарот Рон ван ден Хогенбанд од Хаг вели дека очекува Вилдерс да излезе како победник и да ја преземе контролата врз парламентот „за да може да го прави она што го прави Трамп, како и другите европски земји каде што крајната десница ја презема власта“.

Вилдерс ги доби последните избори во ноември 2023 година со неочекувано високи 23 проценти од гласовите.

Според анкетите, неговата партија сега има околу 20 проценти поддршка, приближно исто како и алијансата лабуристи-зелени, која во моментов е втора по големина во парламентот.

Вилдерс минатата недела повика на итна поддршка за неговиот план од 10 точки, кој вклучува затворање на границите за барателите на азил, враќање на сириските бегалци и затворање на прифатните центри. Тој, исто така, предложи протерување на мигранти осудени за тешки кривични дела и зајакнување на граничните контроли.

Миграцијата со години е тема на раздор во холандската политика. Претходната влада, предводена од сегашниот генерален секретар на НАТО, Марк Руте, исто така падна откако не успеа да постигне договор за ограничување на имиграцијата.

Вилдерс, провокативен политичар кој беше осуден во 2016 година за дискриминација кон Мароканците, не беше дел од претходната влада.

Тој успеа да постигне коалициски договор со три други конзервативни партии минатата година дури откако се согласи да не стане премиер. Наместо тоа, кабинетот го предводеше неизбраниот Шоф, државен службеник од кариера.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ