недела, 26 април 2026

Тие не веруваат во ветувањата на „умерените“ талибанци

Објавено на

часот

Сподели

Талибанските лидери рекоа дека жените и девојчињата во Авганистан ќе имаат право да работат и да се образуваат во согласност со исламскиот закон.

Меѓутоа, веќе постојат многу информации за жени на кои им е наредено да ги напуштат работните места во регионите освоени од талибанците за време на нивните напади врз Кабул. Фактот дека вчера и завчера речиси немаше жени на улиците во главниот град и дека цените на бурката нагло скокнаа поради големата побарувачка, сведочи за недовербата на Авганистанките кон „умерените“ талибанци. Некои, сепак, тврдат дека талибанците ги очекува поинаква реалност во однос на онаа пред 20 години.

„Времињата се сменија“, рече Кадија, која раководи со верско училиште за девојчиња во Авганистан.

„Талибанците се свесни дека не можат да нѐ замолчат, а ако го угасат интернетот, светот ќе го дознае тоа за помалку од пет минути. Ќе мора да прифатат кои сме и што станавме“, рекла таа за Ројтерс.

Таквиот пркос го покажуваат генерација жени, најчесто во урбаните центри, кои пораснале со можноста за школување и вработување.

Во текот на изминатите две години, кога стана јасно дека странските војници планираат да се повлечат од Авганистан, талибанските лидери го уверија Западот дека жените ќе имаат еднакви права според исламот, вклучително и пристап до вработување и образование.

Вчера портпаролот на талибанците Забихула Муџахид рече дека жените ќе имаат право на образование, здравје и вработување и дека ќе бидат „среќни“ во рамките на шеријатот.

Зборувајќи конкретно за жените во медиумите, Муџахид рече дека тоа ќе зависи од законите што ќе ги воведе новата влада во Кабул. Вчера, пак, водителка на приватниот канал Толо ТВ интервјуираше портпарол на талибанците.

Активистката за образование на девојчиња Паштана Дурани (23) е претпазлива кога станува збор за ветувањата на талибанците. „Сега тие го зборуваат она што светот сака да го слушне“, рече таа за тврдењата дека на девојчињата ќе им биде дозволено да посетуваат училишта.

„Ако ја ограничат програмата, ќе аплоудирам повеќе книги во онлајн-библиотеката. Ако го ограничат интернетот, ќе им ги испратам книгите на домашните адреси. Ако не ни дозволат да предаваме, ќе отворам илегално училиште, така што имам одговор на нивните решенија“.

Нобеловката Малала Јусуфзаи, која преживеа ранување во главата поради кампањата за едукација на девојчиња, рече дека е длабоко загрижена за ситуацијата во Авганистан.

„Имав можност да разговарам со активисти во Авганистан и сите тие се загрижени како ќе изгледа животот“, изјави Јусуфзаи за Би-би-си.

Агенцијата на ОН за правата на детето, УНИЦЕФ, вчера изрази претпазлив оптимизам за соработката со талибанските претставници, посочувајќи ги нивните изјави дека ќе го поддржат образованието на девојчињата.

Организацијата продолжува да доставува помош во повеќето делови на земјата и имаше средби со новите талибански претставници во градовите како што се Кандахар, Херат и Џалалабад.

„Во тек се разговори, и врз основа на досегашните состаноци, можеме да кажеме дека сме оптимисти“, рече шефот за теренски операции на УНИЦЕФ во Авганистан, Мустафа Бен Месуд.

Шефот на ОН Антонио Гутереш во понеделникот предупреди на „грозоморното“ задушување на човековите права во ерата на талибанците.

Ројтерс минатата недела објави дека во почетокот на јули, талибанските борци влегле во филијала на една комерцијална банка во Кандахар и им наредиле на девет жени што работеле таму да ги напуштат своите работни места, бидејќи било непригодно. Им било дозволено нивните работни места да ги преземат нивни машки роднини.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ