Откако САД се повлекоа од Авганистан и ја „разбија талибанската кошница“, Руската федерација во Кабул дејствува според својот „план А“, вели српска Политика. Тоа значи да чека и да се увери дека талибанците ќе изведат мирно и цивилизирано преземање на власта по падот на претходната влада и бегството на Ашраф Гани. Додека ЕУ се плаши дека Русија и Кина ќе го преземат влијанието во Авганистан за време на вакуумот создаден со повлекувањето на сојузниците од НАТО, руските дипломати го фалат досегашното однесување на талибанците во Кабул и на некој начин ги охрабруваат да ја одржат ситуацијата под контрола. Во тоа сигурно ќе им помогне изјавата на портпаролот на руската амбасада во Кабул, Никита Ишченко, дека Гани избегал со огромна сума пари. Тој за РИА Новости изјави дека четири автомобили ги донеле парите до хеликоптерот, како и дека количествата што не можело да се сместат во авионот се оставени на пистата на аеродромот.
Русите долго време преговараат со талибанците, иако тие во Руската Федерација, како и во многу други земји, беа прогласени за терористичка организација. Со оглед на тоа што владата на претседателот Гани се сметаше за марионетска влада на Соединетите Држави, руската дипломатија се фокусираше на „контрола на штетата“, што ќе спречи дестабилизација во соседните земји, членките на Заедницата на независни држави, па дури и самата Русија. Затоа сега, што се однесува на Москва, не е ни на повидок транзицијата кон „план Б“, кој директорот на Одделот за Азија на Министерството за надворешни работи на Русија, Замир Кабулов, не сакаше ниту да го открие. Тој рече дека се надева дека во авганистанскиот буџет има уште пари што ќе послужат како основа на буџетот на новата влада и залог за продолжување на функционирањето на државата. За тоа, што се однесува на официјална Москва, неопходно е талибанската влада да ги почитува основните човекови права. За да биде меѓународно признаена во иднина, таа веројатно ќе даде сѐ од себе во тој поглед, вклучително и потиснување на намерите за одмазда и донекаде ќе го ублажи контроверзниот однос кон жените.
Руската амбасада во Кабул ја чуваат талибанците, таа работи без прекин и со несмален капацитет, а амбасадорот Дмитриј Жирнов најави дека ќе прошета по улиците на Кабул со талибанците со цел „да види со свои очи дали е навистина мирно“. Жирнов за „Гласот на Москва“ изјави дека талибанците му понудиле сам да ја избере маршрутата по која ќе оди и нагласи дека ситуацијата во Кабул сега е подобра отколку во времето на Ашраф Гани.
За Русите и нивните партнери, кои би можеле први да бидат на удар на екстремното милитантно движење, сега е најважно Авганистан да не стане реинкарнација на таканаречената Исламска држава. Со овој став се и Таџикистан и Узбекистан, а нивниот главен страв не се можните провокации на талибанците, туку опасноста од терористичките структури поврзани со Исламска држава.
Европскиот парламент најавува дека на Европската Унија – згрозена од бездушната евакуација на Американците (без координација со партнерите во НАТО) и дваесетгодишната неспособност да се обучи авганистанската армија и да се спречи корупцијата на режимот – сега ѝ треба нова стратегија за Авганистан, вели Политика. Се чини дека е предоцна да се создаде таа нова стратегија сега кога Кина и Русија ги координираа своите дипломатски напори кон истата цел. Иако кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји во разговорите со американскиот државен секретар Ентони Блинкен се обврза дека ќе работи за стабилност, Кина ја повика Русија да соработува во одбраната на сопствените интереси во Авганистан. Во разговорите со Сергеј Лавров, Ји истакна дека Пекинг и Москва мора да ги зајакнат стратешките контакти и заемно да се поддржуваат за да им помогнат на талибанците да преземат одговорност и да обезбедат безбедност на кинескиот и рускиот персонал и капитал.
Ако талибанската влада успее да води умерена и разумна верска политика, да спроведе инклузивна политика во формирањето нова влада и да не создаде конфликти со соседните земји – ќе ја има поддршката од Пекинг и Москва за да биде меѓународно призната. Доколку војната во Авганистан навистина заврши, како што објавија талибанците, останува да видиме дали ќе ја почитуваат прогласената амнестија и ќе гарантираат безбедност на населението и на дипломатските претставништва на сите земји. Поранешниот авганистански претседател Хамид Карзаи, поранешниот командант и премиер Гулбудин Хекматијар и поранешниот министер за надворешни работи Абдулах Абдулах вчера во Доха требаше да разговараат со високи талибански претставници за трансферот на власта. Каква улога ќе одигра мула Абдул Гани Барадар, шефот на талибанското политичко движење, останува да видиме, со оглед на важноста за талибанците, но и блиските врски со Американците, вели Политика.
Според извештаите на медиумите, талибанците досега се однесуваа многу повоздржано отколку за време на првото преземање на власта, кога во 1996 година симбол на нивното доаѓање стана масакрот врз поранешниот водач на постсоветскиот режим Мохамед Наџибулах, кога тој беше јавно погубен од талибанците во мисијата на ОН. Досега во Кабул најголемите ужаси ги предизвикаа американските војници што пукаа во до вчера ним лојалните Авганистанци, кои се обидуваа да се спасат. Некои од нив, кои ги немаа специјалните нараквици што им овозможуваа да влезат во авионите за евакуација, буквално паѓаа од крилјата и тркалата на американските авиони, заклучува Политика.






