понеделник, 27 април 2026

„Ова е навистина страшно“: децата се борат со долг ковид

Објавено на

часот

Сподели

Додека младите луѓе низ САД се подготвуваат да се вратат на училиште, многумина се борат да се опорават од долготрајните невролошки, физички или психијатриски симптоми по прележувањето ковид-19. Честопати наречени „долг ковид“, симптомите и нивното времетраење варираат, исто како и сериозноста, пишува Њујорк тајмс.

Студиите проценуваат дека долгиот ковид може да погоди 10 до 30 проценти од возрасните заразени со коронавирусот. Процените од неколкуте студии на деца досега се разновидни. На конгресното рочиште во април, д-р Френсис Колинс, директор на Националниот институт за здравство, цитираше една студија што вели дека меѓу 11 и 15 проценти од заразените млади „може да завршат со оваа долгорочна последица, која може да биде прилично поразителна во однос на работите како што се училишниот успех“.

Предизвиците со кои се соочуваат младите пациенти доаѓаат додека случаите на ковид-19 кај деца нагло се зголемуваат, поттикнати од мошне заразниот делта-сој и фактот дека многу помалку од половина од 12 до 17-годишниците се целосно вакцинирани, а децата под 12 години сѐ уште се неподобни за вакцини.

Лекарите велат дека дури и младите со благи или асимптоматски почетни инфекции може да доживеат долг ковид: збунувачки, понекогаш исцрпувачки проблеми што го нарушуваат нивното школување, спиење, воннаставните активности и други аспекти од животот.

„Потенцијалното влијание е огромно“, вели д-р Авиндра Нат, шеф за инфекции на нервниот систем на Националниот институт за невролошки нарушувања и мозочен удар. „Мислам, тие се во годините на созревање. Откако ќе почнете да заостанувате, многу е тешко, затоа што и децата ја губат сопствената самодоверба. Тоа е надолна спирала“.

Во Бостонската детска болница, каде што се лекуваат пациенти со долг ковид од целата земја, „гледаме работи како замор, главоболки, мозочна замагленост, тешкотии во меморијата и концентрацијата, нарушувања на спиењето, постојана промена на мирисот и вкусот“, рече д-р Моли Вилсон-Марфи, специјалист за невроинфективни болести. Таа рече дека повеќето пациенти биле „деца што имале ковид и не биле хоспитализирани, оздравеле дома, а сега имаат симптоми што едноставно никогаш не исчезнуваат – или се чини дека се целосно подобри и потоа неколку недели или еден месец или нешто подоцна, развиваат симптоми“.

Многу работи за долгиот ковид остануваат мистериозни, вели Њујорк тајмс. Некои симптоми личат на последици од потрес на мозокот и други повреди на мозокот. Некои, како слабост по напор – кога физичкиот или менталниот напор ја зголемуваат исцрпеноста – се исти како симптомите на синдромот на хроничен замор, велат експертите.

Едно априлско истражување на Канцеларијата за национална статистика на Обединетото Кралство покажа дека 9,8 проценти од децата на возраст од 2 до 11 години и 13 проценти од 12- до 16-годишниците заразени со коронавирусот пријавиле продолжени симптоми пет недели подоцна. По 12 недели, стапките останаа значајни: 7,4 проценти во помладата група и 8,2 проценти во постарата група.

Во друга британска студија, 4,4 проценти од 1.734 деца имале симптоми повеќе од четири недели по ковидот, четири пати повисоки од процентот со симптоми четири недели по заболувања како што е грипот. Околу 2 проценти од пациентите со ковид имале симптоми по осум недели.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ