Три, два, еден – фрлај! Само Ангела Меркел „мамеше“, не одолевајќи да си погледне зад грб. Што посакале лидерите на Г20 додека фрлаа парички во Фонтана ди Треви? За да се остварат желбите, мора да останат тајни. Сепак, Ди Треви всушност не ветува исполнување на желбите, освен една – еден ден пак да се вратите во Вечниот град. И онака се знае дека сите патишта водат кон Рим.
Меѓутоа, во меѓувреме на светот ќе му треба многу повеќе од среќа, предупредува италијанскиот премиер. „Борбата против климатските промени е главниот предизвик на нашето време. Или ќе дејствуваме сега, ќе се соочиме со трошоците за транзиција и ќе успееме да ја пренасочиме економијата кон поодржлив пат – или ќе го одложиме дејствувањето и ќе платиме многу повисока цена подоцна, со ризик од неуспех“, рече Марио Драги, италијанскиот премиер.
До вчера тоа го кажуваше Грета Тунберг, сега и светските лидери. Па и финансиерите. Поранешниот шеф на Европската централна банка предупредува на претстојна катастрофа. Пред него се построени лидерите на Г20, земјите одговорни за 80 отсто од глобалните емисии на стакленички гасови.
„Последниот извештај на ОН вели дека треба итно и значително да ги намалиме емисиите за да избегнеме катастрофални последици“, рече Драги.
Непосредно пред дождот од парички во Фонтана ди Треви, оној вистинскиот дожд конечно падна на полињата околу Дијарбакир во југоисточна Турција. За прв пат по осум месеци. Но од зимската сеидба и онака веројатно нема да има ништо. Турските земјоделци за сушата го обвинуваат глобалното загревање.
„Видете, треба да врне со денови за да може до посевите да стигне водата. Сега ќе врне неколку дена, а потоа не знаеме како ќе биде. Се соочуваме со најтешката суша во последните години, затоа што, за жал, овде веќе осум години нема паднато вистински дожд“, нагласува Бичар Ичли, земјоделец од тој крај.
На подрачјето на Дијарбакир велат дека земјоделското производство е намалено за 60-70 отсто во однос на годината пред тоа. Турскиот претседател ни долгорочно нема добри вести. „Врнежите на југот од земјава се очекува да се намалат за 5 до 20 отсто во зима и од 10 до 40 отсто во зима. Податоците покажуваат дека нашиот и онака скромен воден потенцијал дополнително ќе се намалува во наредните години“, рече Реџеп Таип Ердоган.
Во почетокот на овој месец, Турција стана последната членка на Г20 што го ратификуваше Парискиот договор, по долгогодишно одолжување.
„Тоа е сериозен проблем. Турција го потпиша Парискиот договор, но што сега? Ја уништивме природата, нашите подземни ресурси. Така што, сега веќе не гледам поента во договор за климата. Сепак, мерките што ќе ги преземаме отсега сè уште се важни и владата треба да ги ревидира своите земјоделски политики“, рече Ичли.
На средбата со Бајден и Макрон, Ердоган во Рим веројатно сепак има и поитни теми. Сепак, „климатското шоу“ не завршува со ова – карванот од Рим се сели во Глазгов, повеќето лидери на Г20 летаат директно на конференцијата на ОН за глобални промени.
„Буквално, тоа е последната шанса. Во моментот кога се во прашање иднината на човештвото и природата, несомнено е дојдено време да ги оставиме настрана нашите разлики, да ја зграбиме оваа единствена шанса да почнеме значително зелено закрепнување, да ја ставиме глобалната економија на сигурна, одржлива патека и да ја спасиме нашата планета“, рече принцот Чарлс.
Принцот Чарлс денеска ја отвора конференцијата на ОН во најголемиот град во Шкотска, еден ден откако неговата мајка, кралицата Елизабета, по совет на лекарите мораше да се откаже и да замине на дополнително боледување. Една ера со тоа симболично завршува, почнува ли сосема нова ера? Или само ни го ветуваат тоа?






