понеделник, 27 април 2026

Франс прес: Бајден сега го спроведува откажувањето од американскиот интервенционизам што го почна Обама

Објавено на

часот

Сподели

„Бајден призна дека е време Американците конечно да ги сопрат вечните војни иако тоа можеше да го направи и неговиот претходник Трамп“, вели Чарлс Френклин, професор на правниот факултет Маркет.

Тој го коментираше говорот кој неделава го одржа американскиот претседател Бајден, еден ден откако беше објавено дека последните американски војници го напуштија Авганистан по 20 години војна во таа земја.

Иако соочен со остри критики поради начинот на повлекувањето на американските трупи од Авганистан, Бајден кажа дека повлекувањето било најдобрата опција за завршување на најдолгата американска војна, но и децениите неплодни напори на Соединетите Држави со воена сила да преобликуваат други земји.

„Оваа одлука за Авганистан не е само за Авганистан туку и за завршување на големите воени операции за да се преобликуваат други земји“, кажа тој.

За Бенџамин Хадад, од Атлантскиот совет со седиште во Вашингтон, тоа е најјасното отфрлање на интервенционизмот од еден американски претседател во последните неколку децении, коментираше тој на Твитер.

Џо Бајден има големо искуство во надворешната политика како сенатор и претседател од времето на Барак Обама, истакнува Франс прес.

Токму Обама го почна, не толку јасно како сега Бајден, откажувањето од американскиот интервенционизам.

Обама оцени дека користењето на хемиско оружје од страна на сирискиот претседател Башар ал Асад била „црвената линија“ на која мораше воено да одговори. Но кога Дамаск ја премина, во август 2013, американскиот претседател не нареди американски напади.

САД од 1945 година најпрво одбраа да бидат „бранител на демократијата, потоа мисионер на демократијата. А сега се враќаат дома“, напиша на Твитер поранешниот амбасадор на Франција во Вашингтон Жерар Аро.

Прилично едноставното управување со повлекувањето од Авганистан ги изненади американските сојузници, но ги израдува Пекинг и Москва, кои веднаш го извлекоа заклучокот дека тоа е предупредување до земјите кои главно зависат од американската воена поддршка.

„Постои едно одредено ниво на фрустрација“, иако е тешко да се заклучи „колку е длабоко“, кај сојузниците на САД околу организацијата на повлекувањето, оцени Трисија Бејкон, професорка на Американскиот универзитет.

Џо Бајден „можеби засекогаш ја спушти завесата на американскиот воен интервенционизам“ на Блискиот Исток во поширока смисла, анализира во својот блог Имад Харб, директорот за истражување и анализа во Арапскиот центар во Вашингтон.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ