„Давид С. до своето апсење бил вработен како локален соработник на британската амбасада во Берлин. Тој на најмалку еден претставник на руската тајна служба му доставил документи до кои дошол за време на својата работа во амбасадата. Обвинетиот за доставата на информации примил непозната сума готовина. Апсењето е резултат на соработката меѓу германските и британските институции“.
Случајот не е спектакуларен. Претседателот на Комисијата за надворешна политика на британскиот парламент, Том Тагенхат, смета дека станува збор за ситна риба, пренесува агенцијата дпа. Во веста се цитира она што го изјави британскиот политичар за Би-би-си: „Ова е некој што е на самото дно на хиерархијата и кој недвосмислено донел не многу паметни одлуки, и можно е да ја предал својата земја“.
Британскиот претставник претпоставува дека Британците и Германците, следејќи го човекот со месеци, дошле до вредни информации за работата на Русите во Берлин. На прес-конференција ден по апсењето, новинарите поставија серија прашања: dали рускиот амбасадор ќе биде повикан на разговор? Дали се размислува за нови санкции? Дали германската страна идентификувала претставник на руската тајна служба? Дали тој е соработник на руската амбасада?
Портпаролот на германското Министерство за надворешни работи изјави дека германската влада „многу сериозно“ го сфаќа случајот и дека шпионирањето на германските сојузници на германска територија е неприфатливо. Сличен став зазеде и портпаролот на Министерството за правда. Тој додаде: „Се разбира, не можам да дадам повеќе информации од оние содржани во изјавата на државниот обвинител“. Ги упати претставниците на медиумите на надлежната адреса во Карлсруе, а барањата испратени на таа адреса добија исто така љубезни, но штури одговори, без нови детали.
Познато е дека Давид С. не е класичен дипломат што доаѓа од Лондон, туку му припаѓа на локалниот персонал што е регрутиран во Берлин. Германската служба за уставна заштита одамна е убедена дека руското разузнавање се обидува да регрутира нови луѓе во Берлин. Во извештајот на таа внатрешна тајна служба, која е задолжена и за контрашпионажа, се наведени четворица актери на шпионажа и вршење влијание врз Германија: Руската Федерација, Народна Република Кина, Иран и Турција.
Затоа, Русија е особено во фокусот на Службата за уставна заштита. Во извештајот на службата се наведуваат три случаи што „ги нарушуваат политичките односи со западната заедница на држави“. Само еден од нив се случил на територијата на Германија. Првиот е труењето на поранешниот руски воен разузнавач Сергеј Скрипаљ во Солзбери, во март 2018. Вториот е убиството на еден Грузиец во парк во Берлин, август 2019. Во третиот инцидент во август 2020 година во Русија, жртва на труење беше рускиот опозициски политичар Алексеј Навални.
Во споредба со овие случаи, апсењето на Дејвид С. изгледа – речиси безопасно. Германските истражители не наведуваат кои документи тој им ги предал на Русите. Во отсуство на подобри информации, весникот Билд го споредува Давид С. со познатиот филмски шпион Џејмс Бонд. Давид С. во таа приказна не е „007“, туку „00-никој“.
Весникот, исто така, дава детали за апсењето во Потсдам во близина на Берлин. Пред зградата нема паркиран џемсбондовски автомобил, туку форд фиеста. Полицијата го претресувала двособниот стан до четири наутро. Местото на живеење – Потсдам – каде што живеат милионери, но и поранешни генерали на источногерманската тајна полиција, одговара на клишето за Берлин како шпионски град. Потсдам и Берлин се поврзани со познатиот Глинички мост, поранешната граница помеѓу советскиот и западниот свет, каде што суперсилите разменуваа шпиони. Филмот на Стивен Спилберг „Мост на шпионите“ или бестселерот на Џон Ле Каре „Шпионот што дојде од студот“, останаа уметнички сведоци на тоа драматично време.
Само 57-годишниот Дејвид С. и истражните органи знаат каде се среќавал со својата руска „врска“. Може да се шпекулира за тоа – британската и руската амбасада се близу до Бранденбуршката порта, во соседството. Во отсуство на факти, може само да се шпекулира.
Можеби на крај ќе испадне дека ова драматично шпионско сценарио всушност е – обична лимонада. Се верува дека илјадници шпиони се активни во Берлин, а само мал број од нив се разоткриени.
Давид С. дури не е ни првиот ваков шпион оваа година. Против Јенс Ф. беше поднесено обвинение уште во февруари. Работел за компанија чиј работодавец бил Бундестагот. Работел на тестирање на безбедноста на електронските уреди. Како поранешен соработник на источногерманската тајна служба, Јенс Ф., по своја волја, помеѓу јули и септември 2017 година, испратил информации за Бундестагот до човек од руската амбасада, кој бил задолжен за воената тајна служба.






