Шокантното тврдење беше изнесено пред новинарите во Белата куќа, само неколку дена откако таа даде слична изјава на непознато лице со скриена камера во ресторан.
Бонди кажа дека ФБИ моментално разгледува голем број снимки како дел од разгледувањето на доказите во случајот Епстајн, додека администрацијата на Трамп ветува дека ќе објави дополнителни документи од истрагата за трговија со луѓе. Сепак, агенцијата Асошиејтед прес наведува дека ниту во обвиненијата против Епстајн и неговата соучесничка Гислејн Максвел, ниту во другите релевантни документи не се споменува постоењето на такви снимки.
Сомнежи за тврдењата и недостаток на докази
Голем број адвокати и службеници вклучени во гонењето на Епстајн и Максвел тврдат дека никогаш не виделе ниту слушнале за таква колекција на снимки. Иако во судски документ од 2023 година се споменува потенцијално компромитирачки материјал пронајден во имотот на Епстајн, деталите остануваат тајни поради судска наредба.
Истражувачкото новинарство на АП открива дека снимките на кои алудира Бонди не биле дел од претходните обвиненија, ниту биле користени како докази на судењето на Гислејн Максвел во 2021 година, во кое таа беше осудена за регрутирање малолетници за потребите на Епстајн.
ФБИ и министерството за правда молчат
Министерството за правда на САД постојано одбива да коментира за наводите на Бонди. Портпаролот Чед Гилмартин изјави: „На надворешни извори не им е познато што всушност било вклучено во прегледот на документите кои ги поседува министерството за правда“.
Случајот со Епстајн, кој почина во затвор во 2019 година под сомнителни околности, долго време е магнет за теории на заговор. Неговите врски со моќни личности, вклучувајќи го британскиот принц Ендрју и поранешниот претседател Бил Клинтон, со години поттикнуваат сомневања за прикривање.
Илон Маск: „Досиејата не се објавени затоа што го содржат Трамп“
Во меѓувреме, милијардерот Илон Маск дополнително ја разгоре контроверзноста тврдејќи – без докази – дека досиејата на Епштајн не се објавуваат затоа што го вклучуваат Доналд Трамп. Таа објава брзо беше отстранета од социјалните медиуми.
Како одговор на зголемениот јавен притисок, Бонди изјави за Фокс њуз дека „листата на клиенти на Епстајн стои на нејзината маса“ и дека таа му наредила на ФБИ да ѝ ги предаде „сите необјавени материјали“, вклучително и снимките.
ФБИ ја отфрла можноста за инкриминирачки снимки
Директорот на ФБИ, Кеш Пател, појавувајќи се во подкастот на Џо Роган, ги отфрли тврдењата дека постојат инкриминирачки снимки од пријателите на Епстајн:
„Доколку постоеле такви снимки, досега ќе ги видевте“, кажа Пател.
Адвокатот на Гислејн Максвел, Џефри Паљука, кажа дека вакви материјали никогаш не му биле доставени на тимот за одбрана, ниту пак тој некогаш ги видел. „Немам поим за што зборува Бонди“, изјави тој.
Извештаите на министерството за правда на САД во 2020 година покажуваат дека за време на претресот на вилата на Епстајн во Палм Бич во 2005 година, полицијата пронашла опрема за видео надзор, која подоцна исчезнала. Оваа информација дополнително ги поттикнува сомневањата за можното постоење на снимки што би можеле да компромитираат моќни луѓе.
Тужби против Џеј Пи Морган Чејс
Дополнителна димензија на целата работа дава тужбата на жртвите против банката Џеј Пи Морган Чејс, која наводно ги игнорирала предупредувањата за активностите на Епстајн. Во таа постапка, адвокатите побарале сите снимки и фотографии што би можеле да ги потврдат обвинувањата. Извршителите на имотот на Епстајн го информираа судот дека пронашле материјали што „може да содржат детска порнографија“, но деталите не беа објавени.
Пам Бонди не понуди дополнително објаснување. Адвокатката Џенифер Фримен, која ги застапува жртвите, кажа: „Не сум видела ниту еден од снимките и не знам точно за што зборува, но би сакала да знам“.
Додека нема јавно достапни докази кои би ги поддржале тврдењата на обвинителката, случајот останува обвиен во мистерија – и е во центарот на жестоки политички и правни битки.