вторник, 21 јули 2026

„Ни кажаа да земеме што повеќе скапоцености“: проговореа осомничените за грабежот во Лувр

Двајцата главни осомничени за спектакуларниот грабеж на француските кралски скапоцености од музејот Лувр првпат детално ја опишаа својата улога во кражбата, тврдејќи дека биле ангажирани само неколку дена претходно и дека им биле ветени меѓу 15.000 и 25.000 евра за учество во акцијата.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Станува збор за 40-годишниот Абдулаје Н., нелиценциран таксист и поранешна интернет-сензација познат по видеата со мотоциклистички акробации под прекарот „Дуду Крос Битим“, и 36-годишниот Геламалах А., невработен државјанин на Алжир, кој страда од Диогенов синдром.

Според обвинението, тие на 19 октомври 2025 година упаднале во Галеријата „Аполон“ во Лувр, каде што украле дел од француските кралски скапоцености. До балконот на музејот се искачиле со хидраулична платформа, потоа со брусилки влегле во галеријата, пред очите на туристите се спуштиле со корпата на платформата и избегале со скутери. Уапсени биле седум дена подоцна и оттогаш се во притвор.

На сослушувањата одржани на 2 и 22 јуни, чии записници ги објави францускиот весник „Ле Монд“, двајцата првпат детално ги опишале настаните.

Таинствен организатор

Според нивните искази, зад целата операција стоел мистериозен организатор чие име одбиваат да го откријат.

Тврдат дека два до три дена пред грабежот добиле видео од внатрешноста на Галеријата „Аполон“, со приказ на колекцијата кралски накит.

„Скршете ги стаклата и земете го накитот од витрините“, раскажал Абдулаје Н., додавајќи дека бил избран поради своето криминално минато и репутацијата што ја имал како мотоциклист.

„Познат сум по возењето мотор, физички сум подготвен, снаодлив и енергичен“, изјавил тој.

Рекол дека тогаш бил во сериозни финансиски проблеми и дека му биле ветени меѓу 15.000 и 20.000 евра, со можност сумата да биде поголема „во зависност од вредноста на пленот“.

„Знаев дека одам да го ограбам Лувр“, признал за првпат.

Неговиот соучесник Геламалах А. тврди дека нему не му било кажано дека целта е Лувр, туку дека станува збор за „златарница во Париз“.

„Да знаев дека е Лувр, никогаш немаше да стапнам таму“, изјавил тој.

„Требаше да изгледа како одржување“

Утрото на грабежот тие се сретнале со уште двајца соучесници во предградието Обервилје.

Со камион со хидраулична платформа и придружба од два мотоцикли тргнале кон центарот на Париз.

„Ја подигнав платформата до балконот на галеријата. Кога влеговме во корпата, некој друг нè подигна. Двајца останаа долу, а Геламалах и јас бевме горе“, раскажал Абдулаје.

Според Геламалах, им било кажано дека сè ќе изгледа како рутински работи за одржување.

Само три минути за кражбата

Откако го скршиле прозорецот, влегле во галеријата со моторна пила и торба преку рамото.

„Внатре немаше никој. Беше темно, светеа само витрините. Во далечината видов обезбедување зад една врата. Го скршив стаклото и го извадив тоа што беше внатре. И порано сум правел и полоши работи – требаше само да направам отвор“, рекол Абдулаје.

Кога видел дека неговиот соучесник бавно ја крши другата витрина, му помогнал.

„Ни беше кажано да земеме што повеќе накит. Знаевме дека не смееме да останеме повеќе од три минути, инаку ќе нè фатат. Според мене, останавме предолго.“

Од музејот однеле осум предмети – тијари, брош, ѓердани и обетки што им припаѓале на француски кралици и царици.

Со повеќе од 8.700 скапоцени камења, вредноста на украдениот накит е проценета на околу 88 милиони евра, без да се пресмета неговата историска вредност.

За време на бегството им испаднала круната на царицата Еженија, која подоцна била пронајдена во близина на платформата.

„Да, ми испадна од торбата“, признал Абдулаје.

Кога истражителите му покажале фотографија од оштетената круна, тој рекол:

„Тоа што го направивме беше погрешно и многу сериозно… За среќа, не сум самоубиец, инаку ќе се убиев.“

Каде завршил накитот?

Откако успеале да ѝ побегнат на полицијата, избегале кон јужните предградија на Париз, каде што ги чекало бело возило „ситроен берлинго“.

Групата потоа се разделила.

Геламалах А. и еден соучесник добиле задача да ги заматат трагите, додека Абдулаје Н., според неговото сведочење, целиот накит го однел во подземна гаража во Обервилје.

„Таму владее хаос. Луѓето поправаат скутери и автомобили“, рекол тој.

Во гаражата, осветлена со неонски светла, тврди дека целиот плен му го предал на организаторот.

Надзорните камери снимиле маж со шлем, за кого истражителите веруваат дека е Абдулаје, како ракува со накитот само еден час по грабежот.

„Го извадив накитот од торбата. Имав седум или осум предмети. Организаторот не беше задоволен. Мислеше дека можевме да земеме повеќе. Изгубивме премногу време влегувајќи низ прозорецот“, изјавил тој.

Две можни сценарија

И двајцата осомничени одбиваат да го откријат идентитетот на организаторот, тврдејќи дека стравуваат за себе и за своите семејства.

„Ова не се ангели“, рекол Геламалах.

Абдулаје тврди дека во притвор добивал пораки да молчи и дека организаторот се викал само „Жо“, но можеби бил посредник на уште помоќни нарачатели.

Истражителите засега немаат материјални или дигитални докази што би го потврдиле постоењето на таков организатор.

Поради тоа разгледуваат две можни сценарија: или организатор никогаш не постоел и накитот сè уште е скриен некаде во околината на Париз, или скапоценостите уште истиот ден им биле предадени на посредници што ги изнеле во странство.

Најголемата загриженост е можноста кралскиот накит веќе да е расклопен, а сафирите, дијамантите и смарагдите да се преработени и продадени како поединечни скапоцени камења.

„Ја признав мојата улога. Ги прифаќам последиците и се каам. Сè друго… веќе не е во мои раце“, изјавил Абдулаје на крајот од повеќечасовното сослушување.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ