За разлика од првиот меч кога Кувајт беше рамноправен само во првото полувреме, овојпат гостинската селекција водеше во најголем дел од натпреварот.
Во првите десетина минути се играше гол за гол, Македонија последно водеше со 6-5 и тогаш Кувајт направи серија со 3-0 и се одлепи на 8-6 во 16. минута. Поведе и со три разлика, но на пауза замина со 12-11.
Македонија тешко го почна второто полувреме, гол дадовме дури во седмата минута, Кувајт се одлепи на 15-11. Сепак во продолжението од мечот успеавме да се вратиме. Мартин Томовски блескаше на голот, а тој одбрани и пенал во 59. минута, со кој ѝ овозможи на Македонија напад за нерешено, при 20-21. Во самиот финиш погодија Георгиевски и Ѓорѓиев и нашата селекција дојде до победа на 15 секунди до крајот.
Ѓоргиев беше и најефикасен, со шест погодоци, четири постигна Ненад Костески, три Бојан Маџовски. Томовски заврши со осум интервенции, а овој пат и Никола Митревски доби шанса и запиша шест одбрани.
Македонската репрезентации по овие два дуели се враќа во Скопје, каде од 2. јануари ќе ги продолжи подготовките во салата „Борис Трајковски“. Следните две контролни среби се против Израел на 3 и 4 јануари.






