Барселона синоќа одигра само 1-1 на незгодното гостување кај Атлетик Билбао. „Каталонците“ се мачеа да ја наметнат својата игра, домаќините беа тие кои доминираа во поголемиот дел од мечот и ги имаат подобрите шанси.
По крајот на натпреварот, Роналд Куман призна дека Барса го чувствува отсуството на Лео Меси.
„Видете, не сакам постојано да говорам една иста работа, но зборуваме за најдобриот фудбалер во светот. Противниците се плашеа од нас со Меси во тимот, тоа повеќе не е така“ – вели тренерот на Барса.
„Имаме и одредени проблеми во играта, бевме навикнати на Лео, знаете дека кога ќе му додадете топка, тој нема да ја изгуби. Се чувствува дека тој не е тука, но тоа не можеме да го промениме и треба да се помириме“.
За дуелот со Атлетик, Холанѓанецот рече: „Сами си ја отежнавме работата на стартот. Ни вршеа добар и силен пресинг. Не бевме прецизни во кратките додавања, ни недостасуваше мир и течност во играта во воведните 15 минути“.
„Мислам дека реми е фер резултат, иако имавме шанси за победа. Атлетик одигра на високо ниво, ова е тежок терен, па не можам да не бидам задоволен од резултатот“.






