„Време е за вистинска правда и вистината за 27 април. Ве покануваме да присуствувате на прес-конференција која ќе се одржи на 27 април 2026 година во 12 часот пред Основното јавно обвинителство. На прес-конференцијата ќе бидат споделени информации за поднесување кривична пријава против поранешен јавен обвинител со иницијали В.Р. и ќе бидат изнесени детали и аргументи поврзани со постапката“, се наведува во најавата.
Во најавата уште се вели дека ова претставува почеток на процес за утврдување одговорност и расчистување на сите околности поврзани со судскиот процес за 27 април.
„Во име на опфатените со судскиот процес изјава за медиумите ќе даде Јане Ченто“, се вели во најавата.
Јане Ченто е еден од 16 осудени лица во случајот „27 април“ за упадот во Собранието. Првично беше осуден на 15 години казна затвор за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, за подоцна казната да му биде намалена на 13 години затвор. На крајот на 2023 година, Апелацискиот суд Скопје пресуди дека Ченто со лажен исказ на полицаец бил однесен од куќен во ефективен притвор во истражниот затвор „Скопје“ во Шутка каде Ченто помина повеќе од две години. Подоцна полицаецот беше осуден на условна казна затвор од 18 месеци која нема да се изврши доколку обвинетиот не стори кривично дело во текот на три години по правосилноста на пресудата.
„Иако задоцнета, оваа пресуда е само уште еден доказ дека случајот ’27 април’ е монтиран без фер судење“, изјави тогаш таткото на Јане, Коле Спиркоски кој најави дека ќе бара повторно судење.
Во јули 2024 година со потпис на директорот на Управата за извршување санкции, Александар Пандов, Ченто беше пуштен на слобода со прекин на казната од 30 дена.
На 21 април годинава, Апелацискиот суд Скопје го отфрли барањето за повторно судење за случајот „27 парил“.
„Жалбата е неоснована. Судиот го ценеше жалбениот наод за сторена суштествена повреда на одредбите на кривичната постапка од член 415 ст.1 т.11 од ЗКП, меѓутоа истиот не го прифати како основан, со оглед да образложеното решение не содржи такви недостатоци поради кои што не би можело да биде испитано во однос на неговата правилност и законитост, изреката на решението е јасна и разбирлива, а во образложението се содржани доволно причини за решителните факти и заземени правни ставови на судот“, се наведува во одлуката на Апелацискиот суд Скопје.
Со ваквата одлука скопскиот Апелациски суд го потврди решението на Кривичниот суд Скопје донесено на 15.12.2025 година, со кое е пресуднено дека нема законска основа за повторување на постапката.






