четврток, 28 мај 2026

Му ја украл картичката на Џони Деп и потрошил 600.000 евра: Актерот не забележал

Јордански државјанин осомничен за измама е уапсен откако, според истрагата, ја украл банкарската картичка на Џони Деп и со неа потрошил повеќе од 600.000 евра.

Фото: Скриншот

Објавено на

часот

Сподели

Според Дејли меил, познатиот актер наводно не забележал дека огромна сума пари исчезнува од неговата сметка повеќе од две години, сè додека неговата банка не ги означила трансакциите како сомнителни.

Истражителите ги следеле онлајн купувањата и на крајот уапсиле маж кој изнајмувал стан во Будимпешта.

Унгарските власти тврдат дека 27-годишниот осомничен користел украдени податоци од кредитна картичка за да купува преку интернет и да резервира сместување.

Полицијата истражува дури 308 одделни трансакции со вкупна вредност поголема од 620.000 евра.

На снимките објавени од унгарската полиција се гледа моментот на апсењето – полицајците приведуваат и водат човек со лисици на рацете.

Унгарските истражители наведуваат дека истрагата била отворена на почетокот на оваа година, кога американска финансиска институција контактирала со канцеларијата на ФБИ во Унгарија откако биле откриени нелегални плаќања од сметка на клиент.

Детективите подоцна утврдија дека станува збор за Џони Деп, кој, според медиумските извештаи, не забележал стотици трансакции извршени помеѓу јануари 2024 и декември 2025 година.

Полицијата ја следела трагата на парите преку ај-пи адреси, електронска пошта на сметките и унгарски телефонски број поврзан со резервации направени со украдената картичка.

За време на претресот на станот, полицијата запленила електронски уреди за кои верува дека биле користени во наводната измама.

Истражителите тврдат дека осомничениот ги негира обвиненијата, но судот сепак му одредил притвор.

Полицијата сè уште се обидува да утврди како се добиени податоците за картичката Американ експрес на Деп, можните сценарија вклучуваат кражба на податоци, протекување на информации или компромитирана претходна онлајн трансакција.

Џони Деп во последните години често престојуваше во Будимпешта поради снимање различни проекти.

Унгарската полиција соопшти дека истрагата за наводната измама е сè уште во тек и дека не се исклучени нови апсења.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ