На десетата Виенска конференција за миграции присуствуваат повеќе од 250 носители на одлуки, владини претставници, експерти од областа на миграцијата, меѓународни организации, академската заедница и цивилното општеството кои прават напори за поврзување на миграциските текови со најсоодветните стратешки политики и решенија.
Во рамките на конференцијата „Западен Балкан: Регионални перспективи за миграцијата и партнерствата“, заменик министерот Димитровски учествуваше во разговор еден на еден со генералниот директор на ИЦМПД, Михаел Шпенделегер, посветен на предизвиците и можностите што ги носи променливата миграциска слика во регионот.
За време на разговорот, беше нагласено дека Западен Балкан се наоѓа на уникатна пресвртница во управувањето со миграциите како регион кој истовремено е место на потекло, транзит и сè повеќе на дестинација за мигрантите. Овој динамичен контекст отвора нови предизвици, но и можности за економски развој, особено во услови на зголемена побарувачка за работна сила и недостиг на работници во клучни сектори.
Димитровски посочи дека Македонија активно се прилагодува на новата реалност преку развивање политики за управување со легалната миграција, кои одговараат на демографските и економските потреби на земјата. Притоа, беше истакната и важноста од градење партнерства со земјите на потекло за развој на одржливи модели на работна мобилност, подобрување на системите за враќање и намалување на нерегуларната миграција.
Во разговорот беше подвлечено дека овие процеси се во согласност со европските иницијативи како што се Пактот за миграција и азил како и Акцискиот план на ЕУ за Западен Балкан, кои го потенцираат значењето на соработката со земјите на потекло во делот на мобилноста, развојот на вештини и управувањето со враќањето на мигрантите, соопшти МНР.






