Од ЈЗУ Центар за јавно здравје Велес како важно го истакнуваат фактот дека од извршениот санитарно-хигиенски увид на езеро „Младост“ на мерно место „Градска плажа“ се заклучува оти постои видлива пролиферација на алги, зелени перничиња по површината на водата, пивтиеста зелено-кафенкаста желатонозна маса, како и појава на пена на крајбрежјето, поради што водата се забранува за капење и рекреација.
Во извештајот на ЈЗУ Центар за јавно здравје Велес, врз основа на лабараториските наоди анализираната мостра на вода по однос на микробиолошките индикатори е оценета одлично, по однос на физичко-хемиските параметри одговара на 5-та класа, по присуство на амонијак. Водата во езерото е 3 класа по заситеност со кислород, матност и сув остаток, по однос на останати испитани параметри е во 2 и 1 класа.
Инаку, според анализите на водата на велешко езеро „Младост“ од изминатиот месец извршени од страна на стручна екипа на Хидробилошкиот завод од Охрид од мостри земени на 09.06.2026 година водата ги задоволува критериумите за користење за потребите на наводнување“.
Првичната намена на езерото „Младост“ кое е вештачки изградено во 1962 година била токму за полевање на лозовите насади на тогашниот Агрокомбинат „Лозар“, а сега во приватна сопственост.
Препораката на стручњаците од Хидробиолошки завод од Охрид е што пoскоро да се изврши дотур на свежа вода во езерото „Младост“. Воедно при појава на наслаги од алги и други материи, тие препорачуваат нивно чистење, како што беше извршено изминатите лета.
Tие наведуваат дека при појава на наслаги по површината како што ги има сега на езеро „Младост“ дека е потребно нивно механичко чистење, нивно отстранување, како и багерирање на оние наталожени на дното. Инаку, наслагите се посебно изразени кај Отовички залив на езеро „Младост“ кој е и најзагаден.
Градоначалникот Марко Колев информира дека на барање на Хидробилошкиот завод од Охрид обезбедени се средства за да се исчисти каналот по Отовичка река, во должина од 900 местри од ѓубре, смет, отпад, трски и тиња. Вредноста на проектот е над 5 милиони денари, кои половина ги обезбеди Владата преку Министерството за локална самоуправа, а половина Општина Велес. Од Центарот за развој на Вардарскиот плански регион кои го направија проектот за МИА информираат дека постапката на Општина Велес е во тек за чистење на Отовички залив.
Инаку велешко езеро „Младост“ омиленото рекреативно место на велешани и бројни туристи е забрането за капење веќе трето лето.





