Ѓорѓиевски информира дека за ова разговарал со министерот за транспорт Александар Николоски, кој го известил за завршувањето на постапката.
„Со огромно задоволство ве информирам дека штотуку остварив телефонски разговор со министерот за транспорт, Александар Николоски, кој ме извести дека успешно завршила тендерската постапка и јавното наддавање за набавка на 100 нови еколошки автобуси за градот Скопје“, напиша Ѓорѓиевски.
Тој упати благодарност до претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, и до министерот Николоски за, како што посочи, поддршката што ја даваат за Скопје и скопјани.
„Ова е историски чекор кон сериозна обнова на возната флота на ЈСП „Скопје“ и почеток на нова ера во јавниот градски превоз – помодерен, почист, побезбеден и подостоинствен за скопјани“, наведува Ѓорѓиевски.
Според него, за реализација на набавката е избрана компанијата „Икарус“, во соработка со ЕВН Македонија.
Од денес започнува десетдневниот рок за жалби, по што следуваат потпишување на договорот и почеток на процесот за испорака на автобусите во Скопје.
„За само неколку месеци докажавме дека кога постојат волја, посветеност и вистинска поддршка – нема невозможни работи. Кога се сака, сѐ се може! Скопје го правиме заедно“, порача Ѓорѓиевски.





