Стојаноска издвои неколку, според неа, најважни поенти од овој ребаланс кој, како што кажа, го прави успешен и кредибилен, а тоа е раст на приходите од 8,6 отсто во првите пет месеци од годината, умерен раст на расходите од 5,1 отсто, а буџетскиот дефицит останува стабилен на 4 отсто од бруто домашниот производ (БДП).
„Со ребалансот обезбедуваме дополнителни средства за важни сегменти, 800 милиони денари повеќе за плати, 2,5 милијарди денари за пензии, 300 милиони денари дополнително за капитални инвестиции – инвестиции кои ја носат иднината во вашите општини, во вашите населени места. Ќе допреме до секое едно место во Македонија. Во образованието се вложуваат повеќе од две милијарди денари за изградба и рехабилитација на кампуси, студентски домови и училишта, а сите студенти ќе добијат ваучери од 250 евра за набавка на електронски уред. Реактивиран е проектот ‘Купи куќа за млади’ со зголемување на средствата за 111 отсто, што е директна поддршка за младите семејства и младите луѓе во создавање на сигурен дом. Со претходната власт, овој проект беше нефункционален. Ние сега го враќаме на големо, на барање од младите. Значителни инвестиции се планирани и во здравството, со зголемување од 237 милиони денари за изградба, реконструкција и модернизација на здравствени установи, вклучувајќи и дигитализација на здравствените услуги. Јавниот транспорт и инфраструктурата добиваат нов импулс: 307 милиони денари за нови автобуси, плус 307 милиони за локални патишта и дополнителни средства за железничка инфраструктура. Поддршка за спортот, културата и животната средина со значајни зголемувања, кои ги стимулираат квалитетот на живот во сите делови на државата. Овој ребаланс е доказ дека власта на ВМРО-ДПМНЕ останува посветена на развојот, растот и грижа за граѓаните. Ние инвестираме во иднината, ги штитиме социјалните права, обезбедуваме стабилност и услови за подобар живот. Со овој ребаланс, покажуваме дека буџетот не е само документ, туку инструмент за реални резултати – за секој граѓанин, за секое семејство, за целата држава“, рече Стојаноска.
Од СДСМ пак велат дека додека граѓаните се соочуваат со поскапувања, зголемена сиромаштија и сѐ полош животен стандард, владата одлучува во најголемиот буџет во историјата да скрати над 30 милиони евра од социјални трансфери и субвенции.
Како што изјави денеска пратеничката од СДСМ, Јованка Тренчевска власта нема власта пари за поголеми плати за работниците, нема пари за нови мерки за поддршка на стандардот, нема пари за детски додаток, за посебен додаток за децата со попреченост, за поголем образовен додадок, нема пари за повредените и семејствата на загинатите во Кочани.
„Има пари само за нови луксузирања на функционерите на власта. И тоа е поразително. Со овој ребаланс власта крати пари за најранливите – за детски додатоци, образовен додаток, додатоци за деца со попреченост, лични асистенти, заштитни друштва каде се вработени лица со попреченост, жртви на семејно насилство. Лични асистенти на лица со попреченост и негуватели на услугата помош и нега во домот на стари лица, немаат добиено надоместок од април 2025 а сега дополнително се кратат пари за најранлиците. Организациите кои се борат против семејното насилство остануваат со намален буџет од 20 милиони денари, токму во момент кога самиот министер признава алармантен раст на семејното насилство Ставката за нови градинки се зголемува, но вистинската причина не е дека има нови проекти туку реализацијата до 1 јули беше нула денари, не можат проектите на СДСМ да ги завршат. Истовремено, додека крати пари за народот власта ги зголеми за 30 милиони евра трошоците за сопствено луксузирање – за стоки и услуги за функционерите, за приватни авиони, папаја и манго. Ова е срамно понижување на граѓаните, на ранливите, на оние на кои им е непходна помош и поддршка во ова тешко време! Владата избра да го штити својот луксуз, а не стандардот на народот“, кажа на прес конференција Тренчевска.
Таа рече дека загрижува тоа што со овој ребалнст се гледа дека „дупката“ во ПИОМ расте а наплатата на придонесите не оди добро. Тоа на долг рок значи загрозување на исплатата на пензиите на нашите пензионери.
„Овој ребаланс е потврда за економскиот неуспех на Владата, за ингорантскиот однос на власта за потребите на граѓаните и социјално ранливите. Затоа СДСМ поднесува 160 амандмани со кои бараме покачување од 20 отсто на детски додаток, еднократна парична помош за новороденче, родителски додаток за дете, додаток за образование, покачување од 10 отсто на социјалната заштита, гарантирана минимална помош, надоместок заради попреченост, надоместок за помош и нега од друго лице, правото на социјална сигурност на стари лица, 30 милиони денари за невладините организации, Националните инвалидски организации, нивните здруженија и нивната асоцијација, на здруженија за борба против семејното насилство и за Црвениот крст, 934 милиони денари за семејствата на загинатите и повредените во трагедијата во Кочани, 60 милиони за реновирање и 20 милиони за опрема во болницата во Кочани, финансиска помош за студенти од социјално загрозените семејства, финансиски додаток на студенти со попреченост, бесплатен превоз за ученици од руралните места. Овие амандмани се реални, праведни и изводливи – но потребно е да се прекине луксузирањето и расипништвото на власта и парите да се насочат кон оние на кои им се најпотребни“, рече Тренчевска.
Таа ги повика сите пратеници во Собранието – без оглед на политичката припадност – да ги поддржат овие амандмани.
„Време е за буџет кој ги става граѓаните во фокус, а не функционерите. Не за папаја и манго – ДА за Кочани, за децата, за ранливите, за студентите, за пензионерите, за Македонија!“, рече Тренчевска.