недела, 7 јуни 2026

Утрово во Охрид слета авион од првиот лет од Вроцлав, Николоски најави нова цел – четири милиони патници

Заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски денеска изврши увид во реконструкција и надградба на аеродром Св.Апостол Павле во Охрид. На увидот присуствуваше и директорот на ТАВ Македонија, Неџат Курт.

Објавено на

часот

Сподели

Охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“ доби две нови директни авиолинии од Полска, со што дополнително се зајакнува поврзаноста на Македонија со еден од најважните туристички пазари во Европа.

Утрово на охридскиот аеродром слета првиот лет од Вроцлав, целосно нова дестинација која досега никогаш не била поврзана со Македонија. Веќе на 9 јуни се очекува и првиот лет од Катовице, со што, според вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, Охрид добива значајно отворање кон полскиот пазар.

„Два нови директни лета до охридскиот аеродром ќе значат многу повеќе патници, туристи, повеќе луѓе за бизнис и поголема отвореност кон светот. Со ова охридскиот аеродром целосно се отвора кон Полска. Отвораме две значајни рути кои ќе овозможат полските туристи полесно да го посетуваат охридскиот регион“, изјави Николоски при посетата на аеродромот.

Неделава повторно се воспоставуваат и летовите на релациите Белград–Охрид и Истанбул–Охрид, што дополнително ќе придонесе за зголемување на бројот на патници.

Осврнувајќи се на резултатите во воздухопловниот сектор, Николоски потсети дека минатата година Македонија ја надмина бројката од три милиони патници.

„Реков дека е добро во следните две до три години да стигнеме до бројката од три и пол милиони патници, но со ова темпо ние тоа ќе го постигнеме уште годинава. Ќе си поставиме нова цел – за неколку години да стигнеме до четири милиони патници, што мислам дека е врв за нашите два аеродроми“, истакна Николоски.

Директорот на ТАВ Македонија, Неџат Курт, нагласи дека до крајот на јуни охридскиот аеродром ќе има осум авиокомпании кои ќе оперираат кон 17 дестинации, од кои 14 редовни и сезонски линии и три чартер-летови.

Тој посочи дека растот на сообраќајот резултирал со значајно меѓународно признание. Скопскиот и охридскиот аеродром беа препознаени како најбрзорастечки аеродроми во Европа, признание што го добивме пред само неколку дена од Меѓународниот совет на аеродроми за Европа. Македонија е еден од најбрзорастечките воздухопловни пазари надвор од ЕУ, а во рамки на европското географско подрачје, со раст од 31 процент на патничкиот сообраќај во првите пет месеци од годинава, рече Курт.

Според него, додека дел од европските пазари се соочуваат со стагнација, Македонија бележи двоцифрен раст и се наоѓа меѓу водечките воздухопловни пазари во регионот, пред Албанија и Молдавија.

Од ТАВ најавуваат дека и во наредниот период ќе продолжат инвестициите во развојот на мрежата на дестинации и во модернизацијата на аеродромската инфраструктура.

Со реконструкцијата на аеродромот предвидено е да бидат обезбедени дополнителни 4.500 метри квадратни функционален простор, за поудобно, поефикасно и попријатно искуство за патниците, како и подобри услови за работа на персоналот, полицијата и царинската управа.  Работите се над 65 проценти реализирани, а она што е можеби најважно е што градежните активности се одвиваат без притоа да се ремети работата на аеродромот односно приемот и отпраќањето патници.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ