Тој посочи дека неточни се насловите дека таткото на Вања самоволно ја напуштил судницата, откако претходно изјавил дека се чувствува како заложник и дека нема што да додаде.
Според Туфегџиќ, пред почетокот на јавната седница, како бранител побарал од судечкиот совет по излагањето на одбраната да им биде дозволено да ја напуштат судската сала и да не присуствуваат на образложенијата на останатите обвинети.
Тој наведе дека јавниот обвинител се спротивставил на предлогот со образложение дека ќе се изгуби континуитетот, но судот по советување го уважил барањето на одбраната.
„Никој самоволно не ја напуштил судницата како што се стекнува впечаток и на сето тоа претходеше процедурално барање со почит кон судот“, напиша Туфегџиќ.
Во објавата тој додава дека нема намера да влијае врз уредувачката политика на медиумите, но апелира јавноста да ја добие вистината за текот на постапката.
Апелацискиот суд Скопје денеска на јавна седница ја разгледуваше жалбата на Обвинителството поднесена против ослободителната пресуда за Александар Ѓорчевски, таткото на убиената Вања Ѓорчевска. Обвинителот Дарко Јакимовски оцени дека првостепениот суд не ги анализирал доволно доказите што, според обвинителството, упатуваат на негова вмешаност во настаните што претходеле на киднапирањето.






