вторник, 21 јули 2026

Триесет дена притвор за директорката и двајца раководители на гостиварското комунално претпријатие

По 30 дена притвор добија тројцата осомничени, директорката Арта Асани, како и двајцата раководители, Леон Уредини и Вадедин Дервиши на комуналното претпријатие во Гостивар. Тројцата се осомничени за епидемијата со труење во општина Гостивар, предизвикана од водата за пиење и за нелегално поставување на пумпи во одводен канал, по што дошло до мешање на водата.

Објавено на

часот

Сподели

Портпаролката на Основниот суд Гостивар и воедно судија кривичар, Драгослава Веселинова, на денешната прес-конференција истакна дека нејзиниот колега Ќирко Михајлоски го прифатил предлогот на Јавното обвинителство и определил мерка притвор од по 30 дена за секој од осомничените. Веселинова изјави и дека решенијата за притворот се доставени до осомничените, а мерката притвор осомничените ќе ја издржат во КПУ Затвор Скопје – Скопје.

Таа образложи и дека мерките притвор од 30 дена за тројцата осомничени, кои се на раководни функции во комуналното претпријатие во Гостивар им се изречени бидејќи се работи за кривично дело за кое е запретена казна од најмалку четири години затвор, а како што рече Веселинова доколку обвинетите би се пуштиле да се бранат од слобода, постои голема веројатност да се дадат во бегство и да влијаат врз сведоците, кои треба да бидат испитани во текот на истражната постапка.

„Од досегашните информации што ги добив од страна на Основното јавно обвинителство, дека ОЈО Гостивар спроведе истражна постапка против осомничените Артан Асани, Леон Уредини и Вадедин Дервиши, под сомнение дека сториле кривично дело Тешки дела против животната средина и природата од член 234 став 2, во врска со член 219 став 3, во врска со став 1 и во врска со член 22 од Кривичниот законик (КЗ). ​Основното јавно обвинителство, по спроведената истражна постапка, преку јавниот обвинител Хазби Сени, до судијата на претходна постапка на Основен суд Гостивар достави предлог за определување на мерка притвор против овие осомничени. Во предлогот ги има наведено причините поради кои го предлага притворот: поради запредената казна за која им се става на товар на осомничените, бидејќи се работи за кривично дело за кое е запретена кривична санкција од најмалку четири години, а доколку обвинетите би се пуштиле да се бранат од слобода, постои голема веројатност да се дадат во бегство и да влијаат врз сведоците кои треба да бидат испитани во текот на истражната постапка“, изјави Веселинова.

На денешната прес-конференција присуствуваа и в.д претседателот на ОС Гостивар Мирослав Петровски и судијата на претходна постапка Ќирко Михајлоски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ