Лидл неодамна почна со кампања за вработување. Што треба да очекуваат потенцијалните кандидати од овој глобален малопродажен бренд?
–Процесот на вработување е поставен системски, како што воопшто работи нашата компанија во сите сегменти. Моделот е е внимателно развиван и усовршуван со години во рамки на Шварц групацијата, каде припаѓа и компанијата Лидл, а сега се применува и на македонскиот пазар. Уште од самиот почеток ние настојуваме процесот да биде јасен. Имаме исклучително темелен пристап, затоа можеби некогаш е потребен и малку подолг период за да се завршат сите неопходни активности за кандидатот да премине од процес на аплицирање до вработување. Самиот процес е планиран во детали, а цел ни е да ги привлечеме сите кои ќе се вклопат во вредностите на компанијата, високите стандарди и начинот на работа, и во иднина ќе растат заедно со неа.
Нашата основна намера не е само краткорочно да се пополнат работните позиции кои се отвораат, туку да изградиме тим кој на долг рок ќе биде стабилен, одговорен и професионален, и секако, ќе обезбеди најдобро корисничко искуство за нашите потрошувачи. Лидл нуди можности за учење, професионален развој и беспрекорна организација и функционирање. Компанијата се раководи од пет клучни вредности, како што се перформанси, почит, доверба, приземност и заедништво, и нашата цел е да создадеме работна средина во која луѓето се во центарот на сѐ што правиме, во која трудот се цени и наградува, се негува тимскиот дух, вработените се мотивирани и почитувани, а сите односи во компанијата се засноваат на доверба.

Лидл нагласува дека е фер и транспарентен работодавач. Би можеле ли малку подетално да ни објасните што конкретно значи ваквата квалификација?
– Тоа значи дека сите правила околу работниот однос се јасно поставени и доследно се почитуваат. Тие се во согласност со позитивните законски прописи со кои се регулира работниот однос, вклучувајќи ја платата, пензиското и здравствено осигурување, прекувремената работа, користењето годишен одмор и слично. Сè што е договорено, е јасно дефинирано и транспарентно. Воедно, постои и транспарентен и едноставен систем за интерна комуникација, преку кој вработените редовно се информираат за сите новости, процеси и важни информации поврзани со работењето на компанијата. Исто така, воспоставен е и едноставен систем за комуникација со тимот за човечки ресурси, преку кој вработените можат да поставуваат прашања за сите аспекти од нивното работење, од евентуални дилеми околу платата и користењето на годишниот одмор, до сите други права и обврски што произлегуваат од работниот однос. За секое поставено прашање тие добиваат конкретен и навремен одговор, што дополнително придонесува за чувство на сигурност, доверба и транспарентност во секојдневното работење.
Лидл има структурни и опширни програми за развој и мотивација на вработените, и постојано добива награди со кои се потврдуваат заложбите на компанијата да обезбеди праведна и пријатна работна средина. Овие аспекти ни се многу важни и затоа и кампањата за вработување што е во тек го носи слоганот „Добра игра. Фер плеј“. Тој практично ја претставува филозофијата според која функционира Лидл како работодавач. Преку неа сакаме да испратиме јасна порака дека во компанијата постојат јасни правила, фер однос и транспарентност во секој сегмент од работењето.
Во време кога се бара работник повеќе, особено во трговијата и во услужниот сектор во Македонија, можете ли да ни наведете и по што вие се разликувате од другите компании на пазарот, но и да ни издвоите неколку придобивки што би ги уживале кандидатите доколку решат да го изберат Лидл како свој иден работодавач?
–Најпрво, тоа е сигурноста што ја носи работењето во голем меѓународен бренд, и пред сѐ во компанија со воспоставени системи, стандарди и долгорочна стабилност. Лидл важи за доверлив и препознатлив работодавач, во кој, како што претходно наведов, се јасно дефинирани условите за работа и целосно се почитуваат законските права. Некои од значајните поволности, како одраз на фокусот на компанијата на здравјето и благосостојбата на вработените, се приватното здравствено осигурување, проширените здравствени прегледи и спортската картичка. Она што треба да се истакне е и дека Лидл многу вложува во безбедноста во работењето, за што постои детално развиен систем за заштита и безбедност при работа, а процесите се организирани така што физичкиот напор на вработените е минимизиран колку што е можно повеќе, преку користење на најсовремена опрема. Работната средина, всушност, е уредена до најмал детаљ. Сето ова создава услови во кои вработените, покрај тоа што ги остваруваат своите работни задачи и обврски, можат да чувствуваат стабилност, сигурност и реално подобрување на квалитетот на живот.

Обуките на вработените се еден од клучните фактори што ги истакнувате. Како изгледа тој процес?
-Обуката кај нас е суштински дел од работењето. Обучувањето на идниот кадар во нашата компанија не се третира како формалност, туку како инвестиција во секој еден вработен. Процесот на обуки е дизајниран да биде колку што е можно подетален, попрактичен, и што е најважно, тој е директно поврзан со реалните работни задачи кои се очекуваат од вработените. Нашите нововработени колеги во Логистичкиот центар во Куманово, како и во продавниците, ќе поминат низ детален и структурен план за обуки, кој трае од еден и пол до три месеци, зависно од видот на работното место, и ќе се одвиваат во земјава. Вработените во маркетите ќе се обучуваат за повеќе работни функции во рамките на самиот маркет, што значи дека моделот не е тесна специјализација само за една задача. Ова овозможува поголема флексибилност и ефикасност во работењето, при што, како што веќе напоменав, ќе им биде обезбедена максимална поддршка и заштита со помош на најсовремена опрема согласно стандардите на Лидл. Би додала дека за време на обуката вработените земаат цела плата, редовно се вработени со сите права што им припаѓаат, а ќе имаат постојана поддршка, секој сегмент ќе им биде детално објаснет, секоја ситуација ќе биде предвидена, а за сите прашања ќе добиваат одговор на лице место. Тоа значи дека кога ќе започнат со работа, тие веќе ќе имаат реално знаење и сигурност во извршувањето на задачите.
Дали вработените, што особено важи за младиот кадар, ќе имаат можности за развој и напредување во својата кариера? Дали тоа е реално изводливо?
– Можностите за развој и напредување во Лидл се многубројни и се системски поставени. Тоа не е само декларативно кажано, туку вистинска пракса која се применува во компанијата. Кај нас голем дел од менаџерскиот кадар се изнедрува токму од внатре, односно од луѓе кои својата кариера ја стартувале на почетни позиции, а потоа постепено напредувале и преземале поголеми одговорности. Тоа е дел од културата на компанијата. Работењето е организирано така што амбициозноста на секој работник се препознава и вреднува, и постојат јасни процеси на евалуација. Секој вработен има јасна слика за својот напредок и за можностите што му стојат на располагање. Особено ни е важно младите луѓе да препознаат дека Лидл е средина во која може да се стекнат знаења, работни навики и искуство што имаат долгорочна вредност. Преку обуките, менторската поддршка и секојдневната работа, вработените добиваат можност постојано да се развиваат и професионално да напредуваат. Ние нудиме динамична работна средина, и за оние кои се амбициозни, посветени и сакаат да градат кариера, постои реална можност да напредуваат и долгорочно да се развиваат заедно со компанијата.
Р.М.






