Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, завчера на прес-конференција повика на масовна излезност, истакнувајќи дека работниците треба јасно да го изразат незадоволството од ниските примања, слабата заштита на работничките права и односот на институциите и работодавачите.
Протестот ќе почне во 11 часот пред Работничкиот дом на ССМ, а потоа ќе продолжи пред Собранието, Стопанската комора и Владата, каде ќе бидат упатени синдикалните барања. Во фокусот е барањето за зголемување на минималната плата на 600 евра, што според ССМ е неопходен минимум за достоинствен живот.
На протестот нема да учествува Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК), кои во пресрет на празникот вчера организираа конференција на тема „Трудови политики и колективни договори – законска рамка, примена и предизвици“.
Претседателот на СОНК, Јаким Неделков, изјави дека тие се залагаат за решавање на проблемите преку социјален дијалог и преговори, наместо преку улични протести.
„Ние го избравме патот на социјален дијалог и преговори – резултатите ги постигнуваме на маса. Тие го избрале тој пат, да одат на улица, тоа е нивна стратегија“, рече Неделков.
Тој посочи дека како синдикат, оваа година донеле одлука овој важен празник за работниците да го одбележат со научна конференција, каде што на највисоко ниво ќе се разговара за трудовите закони, кои се однесуваат на работниците, како и за колективните договори, нивната примена во практиката, и за предизвиците што претстојат во однос на колективните договори.
Министерството за внатрешни работи соопшти дека денеска во централното подрачје на Скопје ќе биде воспоставен посебен сообраќаен режим поради протестот што по повод 1 Мај – Меѓународниот ден на трудот, го организира ССМ.
„Протестот e предвидено да почне пред зградата на ССМ на ул. „Мирче Ацев“ бр.4 со движење лево по ул. „Филип 2-ри Македонски“, десно по ул. „11-ти Октомври“, право по ул.„Димитрие Чуповски“, десно по ул .„Васил Главинов“, право по бул. „ВМРО“, лево по бул. „Илинден“ до пред Владата“, се вели во соопштението од МВР.
Министерството апелира, граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците каде што ќе се движат учесниците на протестот.






