четврток, 16 април 2026

Собраниска делегација во студиска посета на Хрватска за размена на искуства за евроинтеграциите

Делегација на Собранието, составена од пратеници – членови на Комисијата за европски прашања и Националниот совет за евроинтеграции, како и претставници од собраниската служба од Секторот за надворешна политика и европски прашања, го почна првиот ден од студиската посета на Република Хрватска, која се реализира во периодот од 15 до 18 април 2026 година.

Објавено на

часот

Сподели

Посетата се одвива во рамките на проектот „Поддршка за европската интеграција на Република Македонија“, во организација на Канцеларијата на Обединетите нации за проектни услуги (УНОПС), со цел размена на искуства и добри практики од процесот на европска интеграција на Република Хрватска.

Како што се наведува во соопштението од Собранието, во текот на првиот ден делегацијата оствари брифинг со амбасадорот на Македонија во Република Хрватска, Драган Ѓурчевски, при што беа разгледани билатералните односи меѓу двете земји, како и поддршката што Хрватска ѝ ја дава на европскиот пат на Македонија.

Потоа членовите на делегацијата имале работна средба во Министерството за надворешни и европски работи на Република Хрватска, посветена на темата „ЕУ-проширување, геополитика и парламентарен ангажман: Рефлексии од Хрватска за Македонија“. Делегацијата остварила средба со министерот за надворешни и европски работи, Гордан Грлиќ-Радман, и со државниот секретар во министерството, Андреја Метелко-Згомбиќ, на која биле разменети мислења за актуелните предизвици во процесот на проширување на Европската Унија, улогата на парламентите во овој процес, како и значењето на координацијата меѓу институциите.

Во рамките на агендата делегацијата остварила средба и со поранешната прва вицепремиерка и министерка за надворешни и европски работи на Република Хрватска, Весна Пусиќ, при што се дискутирало за политичкото лидерство, улогата на парламентот и градењето јавен консензус во процесот на евроинтеграција. Била нагласена важноста од инклузивен пристап и транспарентна комуникација со јавноста.

На маргините на студиската посета, пратеникот и потпретседател на Собранието, Антонијо Милошоски, остварил средба со Маријана Петир, пратеничка во хрватскиот Сабор и долгогодишен пријател на Република Македонија.

„На средбата, заедно со амбасадорот Ѓурчевски, беа разгледани одличните билатерални односи меѓу двете земји, како и можностите за нивно понатамошно унапредување. Посебен акцент беше ставен на продлабочувањето на соработката меѓу хрватскиот Сабор и Собранието на Република Македонија, како и на процесот на евроинтеграциите во регионот. Соговорниците ја истакнаа важноста од континуирана парламентарна соработка и размена на искуства како значаен придонес кон напредокот на земјите од регионот на нивниот пат кон членство во Европската Унија“, се наведува во соопштението.

Собраниската делегација остварила средба и со претставници на кабинетот на претседателот на Владата на Република Хрватска, каде што се разговарало за стратешкиот пристап на Хрватска кон проширувањето на Европската Унија, како и за координацијата меѓу владата и парламентот во процесот на пристапување. Соговорниците ја истакнале потребата од силна институционална соработка и јасна политичка визија како клучни фактори за успех.

„Хрватските соговорници ги споделија своите искуства од пристапниот процес, со посебен акцент на реформите и политичкиот консензус потребен за успешно членство. Пратениците од македонското Собрание истакнаа дека оваа посета претставува значаен чекор кон понатамошно унапредување на билатералните односи и отвора нова фаза на соработка, која ќе биде заокружена со потпишување меѓувладин договор за стратешка соработка, заснован на европските вредности, заемната доверба и почитување“, се посочува во соопштението.

Во текот на сите средби била потенцирана подготвеноста на Република Хрватска да продолжи со поддршката на Република Македонија на нејзиниот пат кон членство во Европската Унија преку споделување експертиза и искуства.

На средбите било изразено заемно задоволство од традиционално пријателските билатерални односи, придружени со интензивен политички дијалог и конструктивна соработка што двете земји ја негуваат во сите сфери од заемен интерес во изминатите 34 години. Се реафирмирала благодарноста за континуираната хрватска поддршка на европската перспектива, како и ставот дека процесот на проширување на Европската Унија треба да продолжи со засилена динамика. Била изразена подготвеност за користење на хрватското искуство во процесот на пристапување кон полноправно членство во Европската Унија.

„Соговорниците се согласија дека зајакнатата координација како земји членки на НАТО претставува врвен надворешнополитички приоритет како ефикасен механизам за усогласување на ставовите и зголемување на придонесот кон регионалната и евро-атлантската безбедност. Беше потврдена заедничката посветеност на вредностите и принципите на алијансата“, се посочува во соопштението од Собранието.

Студиската посета продолжува во наредните денови со нови средби и тематски сесии посветени на разни аспекти од процесот на европската интеграција.

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ