На прашањето „Дали работите во Град Скопје се движат во правилна или во погрешна насока?“ најголем процент од анкетираните односно 43,5% од испитаниците рекле дека работите се движат во правилна насока, 38,2% во погрешна, 13,5% ниту во правилна ниту во погрешна насока, додека 4,8% не дале одговор.

Во локалната власт на Град Скопје имаат доверба 45,7% од анкетираните или речиси половината кои биле анектирани, а на прашањето „Дали во локалната власт во Град Скопје имате доверба?” 33,9% рекле дека воопшто немаат доверба, а 17,2% ниту имаат ниту немаат доверба 17,2%.

Од работата на градоначалникот Шилегов задоволни се 46,3% од анкетираните, 19,5% проценти рекле дека ниту се ниту не се задоволни, додека 29,7% рекле дека се главно или целосно незадоволни.
Како најголем проблем во градот скопјани го посочуваат урбанистичкото планирање и уредување на градот (19,2%), потоа е одржување на комуналната хигиена со 11,3%, инфраструктурата со 11,5% и проблемот со уличните кучиња кој како главен проблем го посочиле 8% до анкетираните.

Како најголем успех пак на градот во изминатите четири години анкетираните го сметаат вложувањето во инфраструктурата, реконструкцијата на улиците и булеварите како и градбата на новите мостови. Ова е најголем успех за 29,7% од граѓаните, а потоа следува подобрувањето на парковите и ново зеленило со 10,5%, набавката на нови Еко автобуси за кое 9,3% рекле дека е најуспешен проект на градот. Високо рангирани на листата се и изградбата на нови вело-патеки, уредувањето на кејот на Вардар, реконструкцијата на Универзална сала и вложувањата во Зоолошката градина и Дино паркот.
Високи 52,5% од анкетираните сметаат дека состојбата во Скопје во последните четири години е подобрена, 27,4 отсто воопшто не се согласуваат или главно не се согласуваат, а 16,1 отсто ниту се согласуваат ниту не се согласуваат.
Истражувањето е спроведено по пат на телефонско интервју на репрезентативен примерок од 1.200 испитаници во периодот од 10 до 15 септември.






